23.04.2012, 15:16 Надал ужива во триумфот над Ѓоковиќ
На Шпанецот му се врати насмевката откако во Монте Карло ја прекина низата од седум порази од Србинот
Рафаел Надал не може да се изнаужива во вратената самодоверба откако во финалето на Мастерсот во Монте Карло ја прекина серијата од седум порази против Новак Ѓоковиќ. На еден од своите омилени тениски турнири Шпанецот целосно го надигра ментално исцрпениот Србин, освојувајќи го својот осми трофеј едноподруго на омилената земја. Му беа потребни само 78 минути за импресивниот триумф од 6-3, 6-1 против светскиот рекет број еден.
„Беше многу важно да се прекине губитничката серија, исто како и да се освои турнирот уште еднаш“, изјави насмеаниот Надал на прес-конференцијата по мечот. „Прекинувањето на таа ситуација, освојувањето на Мастерс 1000, еден од моите омилени, сето тоа ми го направи овој ден совршен“.
Во вчерашното попладне Надал ја оствари својата 42. победа во серија на гламур��зниот турнир во медитеранското кнежевство, каде што има загубено само еднаш, во 2003 година, и каде што е несовладан од 2005 наваму.
„Монте Карло е најубав турнир 1000 за мене. Да се почне сезоната на земја со триумф овде е извонредно чувство“, додаде тој.
Ѓоковиќ, кој има намера да го спречи својот ривал од поставувањето уште еден рекорд со евентуалната седма титула по ред на Ролан Гарос во јуни, го пофали противникот.
„Капата долу. Нема многу зборови што можете нормално да ги кажете. Фантастично. Импресивно“, изјави Србинот, кој во Париз ќе ја брка својата четврта гренд-слем титула во низа. „Начинот на кој тој му приоѓа на овој спорт е вистински пример за шампион... Тој има постигнато толку многу. Секоја година се враќа и изгледа како да е првпат на ова место“.
Надал играше се' подобро и подобро во текот на минатата седмица, благодарение и на тоа што издржа неговото повредено колено, кое го принуди да се повлече во полуфиналето на Мастерсот „Сони Ериксон“ минатиот месец.
„Коленото не ми го ограничува движењето. Можам да трчам сто отсто. Кога чувствувате дека можете да трчате по секое топче, болката никогаш не е проблем. Токму поради тоа и сум среќен“, додава Рафа.
Додека тој заминува за Барселона, каде што ќе брани уште една титула на земја, распоредот на Ѓоковиќ изгледа неизвесен поради тоа што Србинот тешко ја поднесува смртта на својот дедо од четвртокот. Првиот светски рекет, кој го победи Надал во седумте последни меѓусебни дуели, вклучувајќи ги и двата на земја на Мастерсите во Мадрид и во Рим минатата година, во ниту еден момент не беше закана за Шпанецот на централниот терен во ветровитиот Монте Карло.
„Едноставно, не остана ни малку емотивна енергија во мене“, објаснува Ѓоковиќ. „Никогаш досега не сум се нашол во ваква емоционална ситуација... Се надевам дека сега ќе имам доволно време за да се соземам, да се одморам, да ги наполнам батериите и да продолжам понатаму. Треба да зборувам со моите соработници и да видам која е најдобрата солуција за мене за да се чувствувам подобро и за да бидам подобро“.
|