23.04.2012, 15:46 Светска премиера на „90 минути“ на Иво Трајков во Берлин
Филмот е во продукција на Lara Enterprises.com Gmbh од Германија, а копродуцент од Македонија е Роберт Јазаџиски и неговата продуцентска куќа „Кавал филм“ од Скопје
На филмскиот фестивал „Achtung Berlin“ во Берлин денеска ќе се одржи светска премиера на играниот филм „90 минути“ (90 minutes / The Berlin Project) на македонскиот режисер Иво Трајков, информира „Кавал-филм“.
Филмот е во продукција на Lara Enterprises.com Gmbh од Германија, а копродуцент од Македонија е Роберт Јазаџиски и неговата продуцентска куќа „Кавал филм“ од Скопје.
Снимањето на филмот го поддржа Германскиот филмски фонд - ДФФФ (German Federal Film). Во целост е снимен во Берлин, на повеќе атрактивни локации, како Темподром, Олимпискиот стадион, киното Зоо Паласт, подземната железничка станица, Бундестаг, железничката станица на Потсдамер плац, Филмскиот музеј Филмхаус и Skylounge.
Приказната во филмот почнува на прем��ера на филмот „90 минути“ во киното Зоо Паласт во Берлин. Во средиштето е младиот актер Себастијан, кој оттука ја почнува својата „одмаздничка мисија”. Следуваат многу необични, бизарни ситуации кои завршуваат со неочекуван пресврт.
- Во снимањето се користеа долги кадри што на крајот даваат една општа слика дека целиот филм е снимен во еден кадар. Концептот за снимање во реално време и во еден кадар покрај тоа што ја интензивира емоционалната вредност на филмот, исто така креира свеж и ироничен поглед на жанровскиот филм. Оваа смела режисерска одлука му дава уникатност на делото и претставува основа на уметничкиот потенцијал на филмот, соопштува „Кавал-филм“.
Трајков е и сценарист на филмот, заедно со Иван Мариновиќ. Директор на фотографија е Суки Меденчевиќ, композитор Биргер Клаусен, костимограф Ирене Ип, сценограф Барбара Фалкнер.
Актерската екипа е интернационална (Германија, САД, Македонија, Чешка, Црна Гора). Главните улоги ги играат Блерим Дестани, филмската актерска легенда Удо Киер, Рихард Замел, Николет Кребиц, Вернер Даен, а значајни улоги во филмот имаат и македонскиот актер Рефет Абази и Карел Зима, кој играше и во претходните филмови на Трајков.
|