26.04.2012, 17:55 Колекционерот на маратони Станфер ќе трча во Скопје
Станфер ќе биде една од ѕвездите на трката во Скопје, на која се очекуваат околу 1.900 натпреварувачи од 35 држави
Светски познатиот колекционер на маратонски трки Хартман Станфер ќе учествува на годинашниот Скопски маратон, кој ќе се одржи на 6 мај. Својата прва официјална трка тој ја има завршено на 42 години 195 дена, а досега има истрчано 187 маратони во 44 земји. Македонија е 45. на неговиот список, кој има намера да го заокружи на сто земји во кои трчал маратон.
Станфер ќе биде една од ѕвездите на трката во Скопје, на која се очекуваат околу 1.900 натпреварувачи од 35 држави. Тука се и познатите атлетичари Сесилија Варутумо Вангуи од Кенија, како и Унгарецот Тамаш Тот.
Меѓу пријавените е и група од 15 Швеѓани, вклучувајќи ја и една од најпознатите брачни двојки од оваа земја, која славата ја стекна со стапувањето во брак на маратонот во Стокхолм во 1999 година. Веднаш по влегувањето во целта на Олимпискиот стадион идните сопружници застанале пред импровизираниот олтар, каде што ги венчал нивниот пријател-свештеник, а едниот од сведоците носел маичка со натписот „Можеби нема да победам во трката, но јас ќе бидам кумот“.
Од домашните учесници се издвојуваат неколку млади луѓе со дијабетес, кои ќе трчаат под мотото „Јас трчам за дијабетес, не за слава“, а една компанија од Македонија ги мотивира своите вработени за настап со по еден денар за секој истрчан метар. Средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. (Р.Д.) |