26.04.2012, 16:46 Добротворен настан за обнова на училиште во селото Серменин
В петок, во МКЦ ќе се одржи изложба, работилница и концерт во организација на „Зелената арка“
Здружението на граѓани „Зелената арка“, утревечер, во просториите на Младинскиот културен центар организира добротворен настан за обнова на објектот на поранешното основно училиште во селото Серменин, сместено на Кожуф , во општина Гевгелија. Настанот почнува во 17 часот, со работилница под наслов „Спирала со билки“, потоа во 19 часот ќе се прикаже образовен филм „Вовед во пермакултурен дизајн“, во 20 часот ќе биде поставена изложба на фотографии и промоција на брошури за пермакултура, а во 20,30 часот ќе се одржи концерт на кој ќе настапат: гитаристот Бојан Петков, стрит панк рок-квартетот „Лоши Деца“, хип-хоп дуото „Подземан ефект“, даб реге хардкор септетот „Конкверинг Лајон“, постпанк квартетот „Бернајс пропаганда“, реге колективот „Канон“, џез пост панк секстетот „Сетстат“ и „Ноиту“ со аудиовизуелен перформанс во живо.
Билетите се продаваат во продавницата на „Југотон“ и во клубот „Ла кања“ по цена од 150 денари, а на денот на настанот по цена од 200 денари во МКЦ.
Членовите од „Зелената арка“ по долгогодишни истражувања увидоа една невообичаена психофизичка појава, која се одвива во човечкиот метаболизам за време на престојот во атарот на едно село што се наоѓа во подножјето на планината Кожуф и чие име е Серменин.
Појава од ваков вид до сега не е забележана никаде на друго место во светот. Станува збор за спонтаната синтеза на хармонот Серменин. Овој хармон се создава при спојувањето и рекомбинацијата на хормоните допамин, серотонин и ендорфин, а процесот трае додека се престојува во истоименото село. Серменин е хармон, а не обичен хормон, зашто хемиската градба на молекулот е всушност прилично долга низа од погоре споменатите хормони што постојано се растегнува како хармоника, при што ги хармонизира сите психофизички процеси и создава чувство на благосостојба. Серменинот е неопходен за правилниот психофизички растеж и развој на луѓето, зашто го олеснува разложувањето на отуѓеноста и ги зацврстува природнинските врски.
Хармонот Серменин се излачува со најголем интензитет во зградата на поранешното основно училиште во селото Серменин. Полезното дејство на Серменинот се чувствува во радиус од околу пет километри од локалитетот.
Затоа „Зелената арка“ го одбра токму ова место за основање на првиот Образовно истражувачки центар за пермакултура во Македонија. (Т.И.)
|