22.04.2012, 17:04 Победа на Фетел во воени услови во Бахреин
Германецот беше побрз од двоецот на Лотус-Рено, Финецот Кими Раиконен и Французинот Роман Грожан, кој во Бахреин дебитира на победничките подиуми во кариерата
Бранителот на титулата во Формула 1 шампионатот, Германецот Себастијан Фетел, триумфира во контроверзната трка за ГН на Бахреин што се возеше на пустинската патека Шахир. Тој е четвртиот различен победник во воведните четири трки во оваа сезона, откако ден претходно ја обезбеди првата пол-позиција во 2012 година. Фетел беше побрз од двоецот на Лотус-Рено, Финецот Кими Раиконен и Французинот Роман Грожан, кој во Бахреин дебитира на победничките подиуми во кариерата. За германскиот пилот на Ред Бул Рејсинг-Рено ова е 22. радост во кариерата по која го презеде и водството во генералниот пласман во Ф1-шампионатот со 53 бода, четири повеќе од Британецот Луис Хамилтон, осмопласиран во Бахреин. На трката и' претходеа инциденти. Војници вооружени до заби ја чуваа патеката Шахир и според пишувањата во светските медиуми, борбите меѓу демонстрантите и полицијата траеле цела ноќ во пресрет на трката.
„Полицијата постави контролни точки и затвори некои сообраќајници кои водат кон Шахир“, изјави Мохамед ал Маскати, еден од претставниците на демонстрантите, и додаде: „Многу демонстранти беа нападнати од полицијата без причина. Ги гаѓаа со солзавци и ги удираа“.
„Мондо Депортиво“ пишува дека демонстрантите вчераутро запалија гуми и се судрија со полицијата во желба да стигнат до патеката Шахир. За вчерашниот ден тие ја најавија акцијата „Ден на бесот“ со цел да оневозможат одржување на трката.
Наредна трка во Ф1-календарот е ГН на Европа што ќе се вози на 13 мај во Барселона.
Резултати од трката за ГН на Бахреин: Себастијан Фетел (Германија/Ред Бул Рејсинг-Рено) ; Кими Раиконен (Финска/Лотус-Рено) +3,3 сек.; Роман Грижан (Франција/Лотус-Рено) +10,1 сек.; Марк Вебер (Австралија/Ред Бул Рејсинг-Рено) 38,7 сек.; Нико Розберг (Германија/Мерцедес) 55,4 сек.; итн.
Пласман кај возачи: Себастијан Фетел (Германија/Ред Бул Рејсинг-Рено) 53 бода; Луис Хамилтон (В. Британија/Мекларен-Мерцедес) 49; Марк Вебер (Австралија/Ред Бул Рејсинг-Рено) 48;
Пласман кај конструктори: Ред Бул Рејсинг-Рено 101 бод; Мекларен-Мерцедес 92; Лотус-Рено 57; |