Исчезнатиот Дарко Ангелески пронајден мртов
Шеснаесетгодишниот Дарко Ангелески, кој пред два месеци исчезна во близина на семејната куќа во скопската населба Илинден, е трупот, кој во понеделникот беше пронајден во трафостаница во Илинден. Според полицијата,вработен во ЕВН го пронашол машкиот труп, кој бил во фаза на распаѓање, по што ги алармираше надлежните. Покрај телото на Ангелески беше пронајден бонсек, но истрагата се' уште истражува дали момчето сакало да краде бакар. Од Институтот за судска медицина, каде беше вршена обдукција на средношколецот, соопштуваат дека тој починал од струен удар. Неговото тело било јагленосано, а според првичните информации, починал пред околу два месеци. Дарко Ангелески исчезна на 22 октомври годинава, откако се вратил од училиште. Излегол да купи мајонез, но оттогаш му се губи трагата. Последен пат бил виден во близина на кошаркарското игралиште оддалечено стотина метри од семејниот дом. Неговите блиски се сомневаа дека детето било грабнато. Во меѓувреме, се слушаа разни шпекулации дека тинејџерот бил виден во Штип, Битола, Свети Николе... (Г.А.) |