10.04.2012, 17:06 Седмиот печат
Градот убав пак ќе никне
Сунчица Уневска
Кон „Скопје ремикс“, македонски омнибус од девет филма и десет режисери
„Скопје ремикс“, новиот македонски филм составен од девет кратки приказни, навидум се чини дека има се', а во суштина не нуди ништо. Или, како што се вели во еден дел од филмот, во него нема фокусираност, нема содржина, нема поента, тоа е филм што сака да каже многу, но, за жал, не успева во тоа.
„Скопски љубовџии“ на Ѓорче Ставрески, „Брус Ли е пуси“ на Синиша Евтимов и Бојан Трифуновски, „Поган, Паган“ на Срѓан Јаниќиевиќ, „Среќни краеви“ на Јане Алтипармаков, „Свиркачот“ на Вардан Тозија, „Опера“ на Даријан Пејовски, „Фотофиниш“ на Огнен Димитровски, „Мангава диско-панк“ на Саша Станишиќ и „Боите на љубовта“ на Борјан Зафировски, тоа се деветте филма и десетмина режисери кои ги потпишуваат овие приказни, што на свој начин треба да го отсликаат Скопје, да ни ја доловат нивната визија и „сопствена битка за градот, кој треба да биде ремиксуван“. Сето тоа е в ред, а особено идејата низ омнибус да се претстават овие автори, што како долгометражен филм би им овозможило полесно да бидат презентирани и овде и надвор од нашата земја и евентуално да го покажат својот потенцијал.
Но, омнибусот кој се работеше три години и кој е предолг затоа што авторите не можеле да скратат од своите парчиња е многу далеку од реализација на замисленото. Филмот, ако го гледаме во целина (што е и негова цел, бидејќи авторите не го ни делат со насловите, туку сакаат да му дадат едно чувство на сплотеност), има добар почеток. Дури, воведните три приказни, „Скопски љубовџии“, „Брус Ли е пуси“ и анимираниот „Поган, Паган“, се и најдобрите делови од овој омнибус, кои (и покрај недостатоците) се' уште говорат за градот и успеваат низ своите приказни да направат своевидна рефлексија.
Меѓутоа, како што филмот продолжува, така се' повеќе се дефокусира, се' повеќе се претвора во фантазмагорија и во некои неповрзани делови, што повеќе говорат за личните фантазии и потреби отколку за градот. На моменти сето тоа личи на некаква халуциногена состојба, на моменти поприма сосем конфузни и нејасни контури, низ кои единствено ја гледате потребата за себедокажување (најчесто со нешто веќе видено) или ламентирање над сопствената судбина отколку што било друго. Како особено слаби, неоригинални и банални би ги издвоила „Опера“, „Свиркачот“ и „Фотофиниш“, додека „Среќни краеви“ е доста интровертен и недефиниран.
Она што многу непријатно изненадува е тоталното непознавање на филмскиот занает. Повеќето од режисерите на овие филмови имаат сериозни проблеми со филмскиот јазик. Авторите цело време се преокупирани со некои сопствени замисли, а низ нарацијата се обидуваат да проговорат за она што во нивните дела ни малку не е доживеано.
Како да се сосем надвор од стварноста, во некоја друга димензија. А, токму тоа е и видливо во филмот, и тоа не само како реалност и содржина, туку и како форма. Тие цело време користат многу познати работи, прават рециклажа, цитираат без потреба, вметнувајќи работи со кои пораснале и кои го одбележале тоа време, не успевајќи ниту да го надминат ниту на вистински начин да го вклопат. Со еден збор, неверојатно е колку се назад во времето и колку не можат да го отсликаат она со кое живеат.
Филмот има публика и успева да ја поведе, но пред се' со музиката, енергијата, динамичноста, фотографијата и сопствената желба за оние урбани приказни што ни недостасуваат. Култниот Канал 103 (замислен како сврзливо ткиво) може на моменти да ја надополни онаа ангажираност која филмот посакува да ја има, но ја нема. Имено, само добрата музика и на моменти визуелното доживување се оние нешта што можат да ве обземат, но додека ги гледате и толку. Се' друго се распрснува како меур од сапуница, бидејќи филмот како целина нема ништо друго што на каков било начин би ве задржало или би останало. |