Тетовското училиште ќе добие опрема само за 10 кабинети
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Само десет училници во новоизграденото училиште во тетовската населба Дреновец ќе бидат опремени за настава. Другите простории и натаму ќе останат празни и заклучени. Министерството за образование само половично одговори на барањето на Основното училиште „Братство-Миѓени“ од Тетово за потребите од инвентар. Според калкулациите за опремување на 24 училници и 25 кабинети со колку што располага училиштето во Дреновец, биле побарани нешто повеќе од три милиони денари. Но, Министерството доделило 1,2 милиона денари, доволно за целосна опрема на 10 училници и за наставничка канцеларија. Со ваквиот тек на настаните станува јасно дека Владата не прави ништо за да ги отвори вратите на училиштето. Помина цела школска година, а не се реши проблемот ниту за набавка на клупи и табли ниту за вработување наставници.
Нуредин Даути, секретар на ОУ „Братство-Миѓени“, изјави дека презеле се' што е во нивна моќ за да го решат проблемот. „Ако реакциите на Министерството за образование и натаму останат на ова ниво, тогаш наредната учебна година ќе почне само во десет училници со настава во две смени. Ова делумно решение е неопходно, бидејќи постојното училиште, во кое сега се изведува настава, има проблем со простор“, истакнува Даути.
Училиштето во населбата Дреновец е изградено и предадено во употреба на 10 септември минатата година. Во објектот се вложени 2,5 милиона евра, но од моментот на сечење на панделката остана со катанец на врата. Ова е современо училиште со 5.250 квадратни метри корисна површина, но државата се однесува негрижливо и дозволува да пропаѓа. Во училиштето кое е наменето за основно образование на македонски и албански јазик требаше одамна да почнат со часови деца од населбите Дреновец, Поток, Столево Теќе и дел од Порој. |