Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Забава
31.10.2011, 17:39

Сите амбасадори се облекуваат кај мајстор Борче

Во кројачкиoт салон на Борис Апостолов на Рампа во Кисела Вода минуваат многу дипломати

Катерина Шекеровска

Различни гласови се мешаат со штракање на машините за шиење. Се земаат мерки, некој е дојден на прва проба, друг го подигнува штотуку сошиениот костум, трет сака корекција...

Врвулица е во работилницата на мајстор Борче, со години непоместена од Рампа во населбата Кисела Вода во Скопје. Постојано некој влегува и си заминува. Заедничко за сите е насмевката на лицата. Ве пречекува Борис Апостолов, љубезен господин со жолт метар околу вратот, на возраст од околу шеесет години, во јавноста попознат како мајстор Борче.

За многумина неговото име не значи многу, но во дипломатските кругови и странски мисии - се изговара со почит. Интересно е што речиси нема амбасадор во земјава кој не минал низ неговиот дуќан, во кој постојани клиенти се претставници на странски мисии од земјава и од соседството, воени аташеа, политичари... Покрај прецизно изработените машки костуми, мајстор Борче шие и специфични парадни униформи што го обиколуваат светот.

Велат дека нема вистински џентлмен без убаво сошиен костум. А, пак, да се биде добар кројач е вистинска уметност, која бара огромна вештина, талент и опрема за работа. Тоа е и тајната на кројачот Борче, чиј занает, за жал, е во изумирање, потиснат од нелојалната конкуренција и напливот на евтина гардероба од Кина и од Турција и незаинтересираноста на младите за негово изучување.

„Почнав да работам во Скопје на 20 октомври 1967 година, најпрво кај еден мајстор во населбата Мичурин, кој набрзо замина во Франција, па потоа во Кисела Вода, каде што останав до 1971 година. Потоа заминав во војска, а од октомври 1973 година го отворив и мојот салон овде, на Рампа во Кисела Вода“, ја започнува својата приказна мајстор Борче. „Оттогаш сум тука. Работев во Скопје, но често одев и надвор, многу финансирав, вложував во мојот занает... Во тоа време имав и многу понуди да заминам во Франција, дури беше договорено и да одам, но таткото на ексградоначалникот Ристо Пенов, кој тогаш беше директор на ’Мирка Гинова‘, не ми дозволи да заминам. ’Нема да одиш во Франција. Ти си талент, ќе останеш овде‘, ми рече. Билетот беше изваден, се' беше средено, но не заминав во последен момент“.

Искусниот кројач вели дека го развивал својот бренд макотрпно, со многу работа. „Овој бренд го создавам 20 години. Дваесет години работење од ноќ до ноќ, од 7 часот па не знам до кога... За да ја научиш оваа работа, треба да вложиш и во знаење и во алат. Јас многу вложив и тоа во двете. Во тоа време секој спечален денар го вложував во убави машини и се' што му треба на еден шнајдер. Наместо во мене, вложував во работата, а тоа траеше околу 20 години“.

Клучен момент за неговиот занает било доаѓањето на мисијата на УНПРЕДЕП во земјава во 1993 година. „Кај мене дојде еден човек, Американец, Фреди Вилијамс, и соши 4-5 костуми, му се бендиса работата, па го доведе шефот на мисијата, Хенрик Сокалски, а по него почнаа да доаѓаат заменици, цел УНПРЕДЕП почна да шие тука. Тоа траеше од 1993 до 2002 година, се развиваше работата, а јас успеав да влезам во тој круг луѓе“, објаснува Борче, кој е горд на својата соработка со странските мисии, меѓу кои се и ОБСЕ, ПРОКСИМА... Нема припадници на мисија што не шиеле кај него, нема амбасадор што не стапнал во неговиот салон.

„Клиентелата е иста, доаѓаат амбасадори, грчкиот, рускиот, унгарскиот, речиси целиот дипломатски кор од земјава... Имам многу клиенти и од Косово, од мисијата ЕУЛЕКС, од МНР на Србија, а со едно име од владата на Србија и до ден-денес комуницираме и се посетуваме, од нашите доаѓа Васко Наумовски и други... Зборуваме за шиење костими и воени аташеа. Сум сошил многу униформи. ПРОКСИМА комплетно ги облекував, успевавме да постигнеме, порано бевме 14 луѓе заедно со мене и синот, а сега сме осуммина. Многу костуми и униформи се шиеја за ПРОКСИМА, многу за американската војска од УНПРЕДЕП, од кои добив многу признанија...“

Мајстор Борче вели дека претежно шие машки костуми. Материјалите ги набавува од Словенија и од Италија и се исклучиво од волна. Никогаш не работел со полиестер, не го сака, а и неговите муштерии инсистираат на волна.

Во што е тајната на неговите костими? И зошто неговите клиенти одново и одново се враќаа, а со себе водат и нови муштерии? „Тајната е во мојата сигурност. Значи, ја следам модата од првиот ден, па се' до денес, следам се' што се случува и знам што сакаат луѓето. Во нашата работа е многу важно да имаш осет и да ги познаваш луѓето. Јас ги познавам и знам што носи ако е Американец, ако е Германец или Французин... Сите луѓе имаат свои специфичности - Американците имаат една градба, Германците - друга, а Италијанците посебна... Тие многу повеќе знаат и сакаат“.

Чехот Адам Башни, обвинител на ЕУЛЕКС во косовскиот град Пеќ, е еден од поновите муштерии на мајстор Борче. „Првата работа што ми ја кажаа моите колеги кога дојдов во ЕУЛЕКС, дека треба да дојдам во Скопје и да сошијам официјални костуми кај мајстор Борче. И еве ме овде. Нарачав два костума. Нема човек во странските мисии во Косово кој не знае за Борче и за неговата уметност на кроењето. Добриот глас за него таму се пренесува од човек на човек“, вели Башни.

Мајсторот вели дека најголем ќеф му е да работи токму со Италијанците, кои се најпребирливи и специфични, со крајно префинет вкус. „Ја облекувам комплетно италијанска амбасада и најмногу ми е мерак да работам со нив. Знаат точно што сакаат, а и модата е кај нив...“

Се гордее кога на ТВ ќе види и ќе каже: „Е ова е мојот костум“... Работи и по копија, во салонот има мерки на своите постојани клиенти, кои само испраќаат штофови по желба или, пак, го праќаат нивниот најдобар костум... Како оди процесот на изработка на еден машки костум? „Го кројам, а потоа задолжително правам една проба, ретко две, исклучиво ако има потреба. Процесот трае најмалку две недели, а најмногу три. Работам крајно професионално и без импровизација зашто само така може да има успех“, објаснува Борче, кого ретко може да го сретнете во печатените медиуми или на ТВ, преферира да остане во сенка, па веројатно и затоа јавноста не знае многу за него.

Вели дека му е многу жал што полека ги снемува кројачите, се губи занаетот кај нас.

„Богат не можеш да станеш, но сиромав сигурно нема да бидеш никогаш со оваа работа. И би и' порачал на нашата младина... Ова е навистина убава и интересна работа од која може убаво да се живее. Секако, и државата треба малку да обрне внимание и преку некоја кампања да им каже на младите дека можат убаво да живеат и од ова. Сега е барем полесно за учење - има интернет, компјутери, опрема... Но, за жал, нема чираци што сакаат да го научат занаетот. Веќе 15-20 години немам ученик“, завршува мајстор Борче, чиј наследник е синот за кого вели дека е одличен и дека успешно ќе ја продолжи неговата работа.

Додава дека со своите 59 години е рано за пензија и дека ќе работи уште, до крајот на неговиот животот. Би додале, за среќа, зашто во денешно време е навистина тешко да се најде одличен кројач, мајстор на својот занает.


Статијата е прочитана 2128 пати.

Испрати коментар



По ваш вкус - Попнети пилешки гради
Сандра Лазеска на „Мис туризам“ во Кина
Што прават денеска
Потрага по нов креативен импулс
Појадок од три конзерви пиво
Автомобили - Многу простор во мал габарит



b5l2, 01.11.2011 09:31:34
имам слушнато за Борче од повозрасни скопјани кои знаат како да се облечат, навистина мајсторор заслузува внимание но кој треба тоа да го направи? Браво за мајстор Борче.
Nikola Buleski Bule, 01.11.2011 15:04:42
Ubava prikazna za ubav zanaet, koj za zal ema naslednici. No so nadezh deka rabotite kje odat na podobro. Pozdrav do majstor Borce i da go sluzi zdravjeto, za da moze da go predade ona sto najdobro go znae i na slednite generacii

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

„Утрински весник“ можете да го купите во електронска форма

"""

  

 


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, 3°C

Ведро

Вторник
Ведро
Макс: 18°C, Мин: 0°C

Среда
Сончево
Макс: 17°C, Мин: -1°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |