Број 3280  среда, 12 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Изложба на белите слики на Петар Мазев

Вечерва во Музејот на град Скопје ќе бидат презентирани 23 слики, икони на 20 век

Катерина Богоева

Исклучителна изложба на која ќе бидат презентирани дела од познатата „бела фаза“ на мајсторот на платното, Петар Мазев ќе биде отворена вечерва во Музејот на град Скопје во 20 часот, со обраќање на сликарот Глигор Чемерски. Делата, 23 слики во комбинирана техника што публиката ќе може да ги види до 10 јуни, се работени од 1960 до 1971 година и чинат ексклузивно значајна етапа од богатиот авторов опус. Во неа Мазев се фокусирал на белата боја која зрачи со светлина, но употребил и нови технологии, инкорпорирајќи во сликите врати од манастири, делови од икони, делови од манастирски ѕидови, монистра и други предмети.

Кураторот на изложбата Соња Абаџиева Димитрова на вчера одржаната прес - конференција посочи дека во белите слики, авторот искажува носталгија за своето детство, а како што изјавувал и самиот, тие го потсетувале на Велигден кога се било варосано во бело. „Неговиот личен експеримент од тој период, во изминативе 50 години се претвори во ликовна парадигма, стана пример како треба да се слика, да се сака сликарството и како треба во него да се вложи душата и срцето.Белите слики на Петар Мазев се македонските икони на 20 век, не во смисла на слепо верување туку како модели на возобновување на живеењето и доблестите на уметноста“.

Издвојувањето како посебен изложбен ентитет на „белата фаза’ во творештвото на познатиот македонски сликар, означува возобновување на чувството за големите вредности и случувања во Македонија.

„Белата фаза“ на авторот прв пат била презентирана на 21 октомври 1966 година во Скопје, а за вечерашната изложба делата се позајмени од Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија, Заводот и музеј од Штип, од Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, од семејството Весови, од проф. Рада Угриновска Скаловска, од семејството Солеви, како и од Живко Ицев и Славко Мазев и од семејството Ивановски.

И организаторот, Музејот на град Скопје го нагласи исклучителното значење на вечерашната изложба, преку изјавата на директорот Јован Шурбановски кој ја спореди со презентациите на вредните археолошки и етнолошки вредности.

„Скопје осамна во толку билборди за изложбата „Белата фаза“ колку што осамнува Њујорк кога се изложуваат дела на Енди Ворхол или Џексон Полок, така да особено задоволство ми е што автор како Мазев, би требало навистина да влезе во најголемите трезори на македонското културно богатство. Во 1966 година на улицата „Ѓуро Салај“ во Скопје, популарно наречена „Рекорд“ имаше редици на посетители кои чекаа за да ја погледнат првата изложбата со „белата фаза“. За споредба, можам да кажам дека идната 1967 година, кога се отвори изложбата на графики на Пабло Пикасо навистина немаше толку заинтересирани колку што имаше на изложбата на Мазев. Петар Мазев е еден од авторите чија вредност пе��манентно расте од моментот кога се појави со сликите од ова своја фаза. Тогаш едвај се предвидуваше дека една колекција на нефигуративни слики може наеднаш во толкава мера да го погоди интересот и вкусот на публиката и дури да направи фаворит од неговите нереферентни дела. Беше време да се свати дека не треба да се биде скептик или да се потценува интуицијата на поширокиот аудиториум“, посочи кураторот Абаџиева, која вечерашната изложба ја смета и за обид за вадење на виделина на вистинската уметност.

„Изложбата е и контрапунктирана на настојувањето на некои ликовни институции во Македонија зачестено да ни нудат сурогат и евтини презентации наместо изворни вредности. Тие не можат да продаваат ликовен турбо фолк не само затоа што статусот тоа не им го дозволува, туку публиката од нив не го очекува“.

Петар Мазев е роден во Кавадарци на 10 февруари во 1927 година. Како сликар и педагог се смета за клучна фигура во модерната и постмодерната уметност во Македонија и заедно со Никола Мартиноски, е најеминентниот претставник на експресионизмот во македонската ликовна уметност. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1953 година, бил член на авангардната група „Мугри“ и е еден од иницијаторите за формирање на Факултетот за ликовна уметност во Скопје каде бил декан и професор. Реализирал голем број самостојни изложби во земјава и во странство, а автор е и на повеќе мозаици. Негови дела се наоѓаат во повеќе приватни и јавни збирки во Македонија, Србија, Хрватска САД, Германија, Швајцарија и други. Земји. Добитник е највисоките државни признанија. Почина во 1993 година во Скопје оставајќи значаен творечки опус.


#
Статијата е прочитана 752 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
Свечено одбележување на Денот на фондацијата „Трифун Костовски“
Авантуристички старт на Канскиот фестивал
Ќуп со злато откриен на скопското Кале
Двотомно издание на „Дон Кихот“ на македонски јазик