По 30 години, пожарникарите се подновија со опрема
Реновирани се и санитарните јазли и бањите, а набавена е и нова летна униформа
Два нови спасувачки чамци со мотор, две теренски возила „лада нива“, специјализирана термокамера за зачадени простории, како и противпожарни ракавици и поткапи се набавени за вработените во противпожарната станица во Автокоманда. Новата опрема вчера ја презентираа градоначалникот Коце Трајановски и командантот на бригадата за ППЗ, Благоја Менковски, притоа соопштувајќи и за реновираните санитарни јазли и бањи, набавка на информатичка и канцелариска опрема, нови возила и летни пожарникарски униформи.
Пожарникарите од Автокоманда рекоа дека со новите чамци ќе можат побрзо да дејствуваат во случаи на несреќи со давеници низ реките, но се пожалија дека се' уште немаат доволно услови за работа и соодветна обука.
„Исто како и сите други противпожарни помагала, нашиот единствен чамец беше стар 30 години. Сепак, иако добиваме нова опрема, не знаеме како да користиме дел од неа. Ете, презентираат термокамера, единствена од овој тип во државава, а денеска првпа�� ја гледаме“, рекоа неколкумина од пожарникарите.
Опремувањето на бригадата во Автокоманда го чинела Градот 20 милиони денари, не вклучувајќи ги трите противпожарни возила што се добиени од Владата. Освен нив, во 2011 година преку Дирекцијата за заштита и спасување ќе се набават уште две вакви возила.
„Бидејќи има недостаток на противпожарни станици низ градот, во план е изградба на нови објекти во Чаир и ви Бутел, но и реновирање и префрлување на пунктот во Ѓорче Петров на нова локација“, рече градоначалникот Трајановски, потенцирајќи ја заложбата за рамномерна распореденост на противпожарните објекти. (Б.Ш.) |