03.11.2010, 17:52 Тачи не се плаши, ама се чува
ДПА ќе бара вештачења на досиејата
Светлана Унковска
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и професорот од Тетово, Шпенд Љуши, кој откри досиеја во дворот, се први на листата за тужби што ја најави ДУИ, по завчерашната седница на Централното претседателство. Министерот за локална самоуправа, Муса Џафери, на кого, наводно, се однесуваше досието под псевдонимот „Мама“, во изјава за „Утрински весник“ вели дека веќе се ангажирал за собирање на сите потребни документи и докази, кои, заедно со тужбата, ќе ги достави не само до македонските судови, туку и до европските.
„Веќе собираме факти за тужбите што нема да ги поднесеме само индивидуално, туку и како функционери на Собранието и на Владата. Ќе ги доставиме пријавите и до нашите судови, но и до Судот за човекови права во Стразбур, поради нарушување личен интегритет.
Ќе се обратиме и до надлежните институции во ЕУ и до Советот на Европа поради фалсификување документи“, вели Џафери. Тој вели дека прво ќе бараат пред македонските судови да одговара професорот Љуши, зашто, како што наведува, ја манипулирал јавноста.
„Тачи ќе го тужиме поради изјавата дека застанува зад тврдењето и поради неговите оцени дека тоа се вистински документи. Јас ги архивирам сите тие работи и ќе биде поведен процес преку институциите на Европската комисија и Советот на Европа за политичкиот аспект на овие оцени“, додава Џафери.
Иако тврди дека атмосферата во ДУИ е добра, оти сега се посилни и последните случувања ги натерале уште повеќе да се мобилизираат. Но, тој не можеше да ја скрие нервозата во однос на прашањето зошто членовите на раководството на ДУИ дури сега прв пат седнуваат да си погледнат в очи и да го отворат ова прашање. „Како ќе работиме и каква стратегија ќе имаме е наша легитимна работа и, на крајот на краиштата, ние одлучуваме колку често ќе комуницираме. Мислим дека не е потребно да разговараме за тоа“, ни рече Џафери.
Од опозициската ДПА, пак, велат дека не се загрижени поради најавите за тужби од ДУИ. Функционер на ДПА вели дека многу би сакале да видат кого и за што ќе тужи ДУИ, особено откако Комисијата за лустрација оцени дека досиејата се фотокопија, а не дека се фалсификат. Од партијата на Тачи ќе барале вештачење на досиејата за докаж��вање на веродостојноста.
„ДУИ најави дека ќе излезат на суд, но не знам дали ќе имаат храброст за тоа. Најверојатно ќе се проценат дека е можно ние да побараме експертиза и вештачење на досиејата. А, ако тоа тргне, не ќе имаат смелост да го прекинат процесот“, велат извори од ДПА.
Дека односите меѓу двете ривалски партии се заострени говорат и информациите оти обезбедувањето околу Тачи е кренато на повисоко ниво, откако досиејата излегоа во јавност. Од неговата партија не сакаа да потврдат дека нивниот лидер има засилено обезбедување, но и не демантираат. „Не постои страв, но ќе видиме како тие натаму ќе ја манифестираат нервозата. Добро е што во последно време се воздржуваат да не не' спомнуваат нас како партија, воедно и лидерот Тачи, дека сме фабрикувале досиеја, бидејќи ќе се соочат со тужби за клевета“, велат од ДПА. (Св.У.) |