Иванов охрабрен
Призрен – „Позитивната клима со честите средби на премиерите на Македонија и на Грција е нешто што не се случувало во минатото“, рече денеска на средбата со новинарите претседателот Ѓорге Иванов. Тоа е причина за оптимизам не само кај европските партнери, туку и кај шефот на државата. Враќањето на довербата, вели тој, ќе помогне за изнаоѓање заемно прифатливо решение за името.
Претседателот појасни дека посредникот на ОН, Метју Нимиц, чека сигнали од премиерите на Македонија и на Грција, по што ќе подготви предлог кој откако ќе биде прифатен од двете страни, ќе биде доставен до Генералното собрание на ОН.
„Државниот врв е усогласен во однос на разговорите за името“, рече претседателот Иванов и потсети дека опозицијата не ги прифаќа средбите со амбасадорот Зоран Јолевски за да ги информира за текот на разговорите. За време на посетата на чешкиот претседател Вацлав Клаус, шефот на државата рече дека откако ќе добиеме предлог од медијаторот Метју Нимиц, ќе биде неопходно градење поширок консензус.
Во Превала, на Шар Планина, Иванов се сретна со претставници на Македонците-Горанци кои живеат во Косово и ги охрабри преку формирање политичка партија да се вклучат во политичкиот живот на Косово и на тој начин да ги реализираат своите барања.
Иванов добил уверување од косовскиот претседател Фатмир Сејдиу дека на пописот на населението во 2011 година ќе биде обезбедена графа за изјаснување на националната припадност. По 1981 година, и ова е прв попис на населението во Косово. Двајцата претседатели ја отворија и темата за можното постоење масовна гробница на територијата на Македонија, од времето на Косовската криза во 1999 година. Иванов му пренел на Сејдиу дека Скопје нема такви информации, но ако Приштина има такви сознанија, да им ги пренесе на македонските власти.
Шефот на државата учествуваше на регионалната средба на претседателите на Македонија, Косово, Црна Гора и на Албанија во близина на Призрен.
(МИА)
|