Здружението на самохрани родители во Штип мора да се сели
Иван Бојаџиски
Штип - Штипјанката Павлина Темелкова, 58 годишна самохрана мајка, последните две децении ги посвети на правата на самохраните родители во својот град. Толку време таа е претседател на Здружението „Аврора" кое брои 500 членови. Животната приказна на Темелкова е една исклучителна сторија за личност која не се согласила да подлегне пред предизвиците на број��ите искушенија на кои наидувала низ животот, а кој воопшто не бил милозлив кон неа.
„Рано, во напонот на најголема сила, останав без работа. Се растури мојот погон во текстилниот комбинат 'Македонка', а јас со илјадници други работници останав на улица. Ја имав ќерката Никица која ми беше се' на овој свет. Но, цврсто решив да не се предавам, туку да се зафатам со нешто корисно, нешто што ќе им значи и на други луѓе во мојот град. На почетокот од деведесеттите со уште девет самохрани мајки го формиравме здружението на кое му го дадовме името 'Аврора', како симбол на нашата нова зора. Го градевме нашето здружение како што се гради нова куќа, па тоа денеска брои 500 членови", вели Павлина.
Во кругот на Одделението за нервни болести има една мала зграда со три соби која беше во распаѓање во моментите кога Павлина го формира здружението. Медицинскиот центар му ја дал зградата.
„Кон обновата пристапивме ударнички. Но, тоа не беше тоа. Ние сакавме простор за дебатирање на самохраните родители, простор во кој ќе се зафатиме и со некоја дејност која ќе ни ги олесни животите. Ние тука не застанавме", појаснува нашата соговорничка.
Со силината на својот шарм да им се приближи на луѓето и да ги убеди во своите мали барања, од Лоренс Батлер, тогашниот амбасадор на САД во Македонија добила неколку големи машини за перење алишта и неколку машини за пеглање. Во 1966 година Павлина се изборила и за донација од американската женска организација „Делфи стар" за посериозно реновирање на зградата.
„Донацијата ни беше исклучително значајна, но не и доволна за остварување на сите потреби. Затоа посетив повеќе штипски организации кои помогнаа. А, тука беше, како работна сила и нашето членство. Конечно, таа година добивме одлични можности за нашите активности кои не беа мали", вели Темелкова.
Во малата зграда вриело како во пчелина кошница. Членките на Здружението переле и пеглале за себе, но и за некои штипски фирми. На еден таков начин „Аврора" си обезбедувала и свои средства. Сепак, најголемата активност била во бројните предавања кои се организирале тука, а на кои психолози, социолози и други држеле предавања како успешно да се надминат животните пречки што ги имаат самохраните родители.
„На еден ваков начин ние успеавме да ги 'извлечеме' самохраните родители од нивните домови. Меѓу нив десет проценти се мажи. Овде, во нашата зграда се собиравме и дебатиравме на разни теми. Важно ни беше дека имаме со кого да помуабетиме, да размениме искуства, да си поделиме совети. Така нашите проблеми стануваа многу помали“, потенцира Темелкова.
Таа, иако со исклучително скромни примања како стечаен работник, успеала на својата ќерка единица Никица да и' овозможи одлично образование. Никица дипломирала дипломатија и меѓународно право, говори четири странски јазици и работи како асистент во една штипска конфекција.
Во Штип, според Павлина, никаде не се води евиденција за бројот на самохраните родители. Единствената книга за такви личности е во нејзиното здружение. Но, таа деновиве е мошне загрижена. Зградата во која ги вложи своите последни две децении од животот, сега ќе се руши. На тој простор ќе се гради новиот студентски град. |