Патот кон незавусноста
Дипломатијата не беше подготвена
Александар Димитров, поранешен министер за надворешни работи
Независноста ги затече дипломатите неподготвени, затоа што државниот врв не предвиде дека СФРЈ забрзано ќе се распадне, тврди Александар Димитров, поранешен министер за надворешни работи
Љупчо Поповски
Пред да се распадне Југославија, Вие работевте во Републички комитет за односи со странство. Дали тоа беше вистинска дипломатија во Македонија или еден вид супститут на Сојузниот секретаријат за надворешни работи?
Мора да се вратиме во времето на тогашните услови во Југославија. Во сегашното Министерство, односно тогашен Републичкиот комитет за меѓународни односи работев 10 години, од кои пет години бев потсекретар, четири години бев заменик на она што се вика министер и една година како потсекретар, што како заменик-министер ја вршев должноста на министер. Со Уставот од 1974 година републиките и автономните покраини имаа право и обврска да учествуваат во креирањето и остварувањето на единствената надворешна политика на СФРЈ. Врз основа на таквите уставни поставки се развија супститутите на малите министерства и комитети. Тоа беше убава школа, соработката со Сојузниот секретаријат за надворешни работи беше извонредна, особено со оние сектори и оние луѓе што ја водеа соработката со земји кои нам, како Република Македонија, посебно ни значеа: тоа беа соседите, големите сили и земјите каде што живее нашето иселеништво.
Колку луѓе работеа тогаш во Комитетот и колку тие луѓе на крајот на 1980-тите, па и во почетокот на 1990-тите добија насоки од државниот врв на Македонија да работат на независноста и на контактите со странство, особено што дојде забрзано распаѓањето на СФРЈ.
Распаѓањето на Југославија дојде забрзано само за оние што не знаеја да ги прочитаат главните трендови во меѓународните односи и големите игри на големите светски сили. За жал, тогашното македонско раководство во 1989-1990 година не можеше да ги предвиди или не сакаше да се случат таквите процеси. Знам дека непосредно по првите парламентарни избори во 1990 година, официјалниот став на Македонија беше да се зачува југословенската заедница, независно каква ќе биде. Тоа беа ставови на Претседателството на СРМ. Така што не може да стане збор за никакви инструкции за афирмација за борба за независна позиција во светот, кога раководството, Претседателството на СРМ, Претседателството на ЦК СКМ и Извршниот совет не даваа такви инструкции што требаше да ги афирмира претседателот на Комитетот.
Значи, влеговме неподготвени во независноста?
Од дипломатски аспек, влеговме не само неподготвени, туку и првите чекори што се правеа беа задоцнети, тие беа повеќе емоционални реакции, а не дел од една разработена долгорочна стратегија.
Немаше капацитет во Македонија или луѓето мислеа дека ќе може да се зачува СФРЈ?
Во 1991 година државниот врв уште се залагаше за зачувување на југословенската заедница, независно дали ќе беше конфедерација, асиметрична федерација итн. Па, дури и во Уставниот закон во член 14 пишува дека југословенските дипломатско-конзуларни претставништва ќе ги застапуваат интересите на Република Македонија како суверена и самостојна држава се' до постигнување договор меѓу суверените држави на СФРЈ. Според тоа, и во нашиот Устав беше аморфна позицијата дали да градиме сопствена дипломатија и да отвораме дипломатско-конзуларни претставништва или да се потпираме на оние што ќе останат како југословенски претставништва. Словенија и Хрватска уште при крајот на 1989 година имаа јасна позиција, дека тие се за сувереност и самостојност на тогашните републики и ги подготвуваа кадрите. Во 1991 година во тогашниот Републички комитет за меѓународни односи, кој потоа стана Секретаријат, па потоа Републичко министерство за односи со странство, па на крај Министерство за надворешни работи имаше 80 вработени, од кои 55 беа стручни соработници, односно дипломати, а 25 луѓе работеа во службата за превод, архива и административно-технички персонал.
Колку македонски кадри имаше во ССНР во Белград и дали тие добиваа одредени насоки од државниот врв на Македонија во тоа време да ги презентираат македонските ставови кон независност. Мислиме и на владата на Глигорие Гоговски и на експертската влада на Никола Кљусев.
Колку што се сеќавам – не, најмногу затоа што тогашното раководство се залагаше за опстојување на југословенската заедница. Тоа беше почетната позиција на новото македонско раководство и на тогашниот претседател на Републиката во првите две-три години од осамостојувањето.
Дали беа испратени некои од искусните дипломати што ги имаше Македонија во земјите каде што имаа добри врски за да ја претстават нашата позиција и нашите стремежи дека сакаме да бидеме независни?
Македонија во историјата на југословенската ди��ломатија имаше извонредни амбасадори, луѓе што имаа голем углед и во меѓународната заедница и во земјите каде што биле амбасадори. Не сакам да набројувам за да не испуштам некого. За жал, не беше прифатен ниту еден од тие искусни луѓе што имаа извонредни врски дури лични, пријателски со главните фактори во светот инволвирани во решавањето на кризата на Југославија од страна на претседателот на Републиката.
Би ги споменале Димче Беловски, Лазар Мојсов, Митко Чаловски кои беа врвни дипломатски имиња на тогашната СФРЈ. Првиот беше амбасадор во Вашингтон, вториот беше претседател на Генералното собрание на ОН, третиот амбасадор во Велика Британија. Зошто се откажавме од нив?
Не исклучувам некои неразрешени лични прашања што ги имале во минатото. Не исклучувам ниту суета. Меѓутоа, тоа беше една од големите грешки во дипломатијата тоа што овие луѓе што ги споменавте (а имаше уште неколку други амбасадори) вооппшто не беа ни прашани дали можат да и' помогнат на младата суверена независна држава и да се стават на располагање во она време кога беше најтешко - процесот на меѓународното етаблирање поради проблемите што ги имавме со Грција. Особено поради фактот што во јануари 1992 година Македонија и Словенија единствени ја добија оцената од Комисијата на Бадентер дека ги исполнуваат критериумите да бидат суверени и независни држави, со една додавка, многу значајна за нас, дека зборот Македонија во името на државата не имплицира никакви територијални претензии.
Колебливоста на познатиот двоец без кормилар, како што ги нарекуваа во медиумите тогашниот претседател на државата и тогашниот министер за односи со странство, направи да задоцниме во неколку крупни чекори, а пред се' во барањето членство во ОН. Заслуживме да бидеме примени заедно со Словенија, Хрватска на 22 мај 1992 година, а не да се чека и да се упати официјално барање за членство во ОН на 7 јануари 1993 година. И покрај сите несомнени заслуги што ги има тогашниот претседател во реализацијата на новата млада, независна држава Република Македонија, тоа беше најголемата историска грешка - што се задоцни во барањето за членство во ОН. Ќе ги немавме сите овие хипотеки во врска со името и во врска со НАТО и ЕУ, поради што што и ден-денес сме заложници.
Мислите дека дипломатијата можеше да ја истурка таа битка ако ние порано побаравме членство во ОН?
Ние, дипломатите, побаравме тоа да се направи порано, меѓутоа, за жал, тоа не беше прифатено од оние што одлучуваа.
Колку македонски кадри имаше во ССНР и дали добиваа од овде некакви насоки за дејствување ако беа претставници во странство да работат на македонската агенда во земјата каде што службуваа?
Целиот тој период надворешната политика практично се водеше од кабинетот на претседателот на Републиката и какви инструкции оттаму беа давани, какви повратни информации точни, лажни, неточни беа враќани, навистина не знам. Но, знам дека се користеа некои Канаѓани и Американци како лобисти, нешто слично се обидуваше да се направи и во Англија, меѓутоа тоа беше без никаков успех. Според бројките што ги имам и на кои се сеќавам во тогашниот Сојузен секретаријат за надворешни работи и во дипломатско-конзуларните претставништва имаше вкупно 150 Македонци од вкупно 2.100 вкупно. Квотата секогаш беше околу 10 % кадри од Македонија во Сојузниот секретаријат за надворешни работи. Од нив101 беше дипломат, а 49 административно-технички персонал. Дел од нив беа во Белград, а дел во амбасадите и конзулатите во странство. Со одлуката на експертската Влада, потпишана од премиерот Никола Кљусев, од 21 јануари 1992 година беа отповикани сите дипломатско-конзуларни и културни претставници од Македонија во Сојузниот секретаријат за надворешни работи и во странство. Со оваа одлука сите овие 150 луѓе беа обврзани најдоцна до 31 јануари да се пријават во Владата за регулирање на натамошните права од работниот однос. Но, таа одлука на Владата за враќање во рок од 10 дена беше со мала толеранција, објективно рокот беше краток, се решаваа не само политички, туку и човечки судбини. Вкупно се јавија 65 дипломати и 16 административно-технички персонал или околу 80 луѓе. Оваа одлука на Владата може да се смета за значаен пресврт во во обидите на оформување на вистинска и сопствена дипломатска мрежа. Таа дојде непосредно по извештајот на Комисијата на Бадентер.
Дали потоа имаше некои преговори со ССНР за враќање на тие дипломати или, пак, им беше оставено на дипломатите сами да го направат тоа?
Беа водени четири рунди преговори со претставниците на ССНР. Две рунди имаше амбасадорот Шуковиќ и две со амбасадорот Предоевиќ, а јас бев шеф на преговарачкиот тим од Македонија. Наша цел беше побезболно да се вратат кадрите што се изјаснија позитивно за одлуката. Меѓу оние што се изјаснија позитивно некои го направија тоа само декларативно, не се вратија да работат во Македонија, некои се вратија, трети најдоа среќа во друго место, дали во Белград или на друга работа во Скопје, некои отидоа во пензија, а имаше и шестмина-седуммина кои категорично одбија да ја почитуваат таа одлука и рекоа дека остануваат југословенски дипломати.
Долги години ова прашање за враќањето од Белград се употребува за политички пресметки. Дали ако некој од ССНР не се вратил во Македонија значи дека е помал патриот од оние што се вратиле или едноставно нивните животни судбини им ги одредиле патиштата.
Може да се каже од се' по малку. Тоа беа животни судбини, но и политички определби. Како еден обичен дипломат, прв секретар или домар да го сфати фактот дека Македонија ќе биде суверена и независна држава кога и дел од државниот врв не го сфати тоа навреме, не го прифати или не дејствуваше така, така што таквите конјунктурни поделби, кој се јавил или не се јавил, се само од дневнополитички интереси. Во тоа време имавме осуммина амбасадори, од кои седуммина се изјаснија дека ќе се вратат, а тој што беше во Либан не се ни изјасни и не се врати во Македонија. Во тој период се погоди да имаме амбасадори во земји кои во таа фаза не и' беа толку атрактивни на идната македонска независна држава, освен една-две локации - како што се Турција и мисијата при ОН во Женева. Другите амбасадори беа во Тајланд, во Финска, но тој беше во процес на враќање, во Иран, Уругвај, Венецуела, Судан и во Либан. Кога беше прогласена независноста на Словенија и на Хрватска, онаму каде што имаше Хрвати или Словенци амбасадори едноставно си ставија „капа“ на амбасадата, го извадија симболички знамето на Југославија и го ставија хрватското, односно словенечкото знаме. Можевме да се обидеме да ја задржиме зградата на амбасадата во Анкара, но и покрај јасните инструкции што му ги даваше
Владата од Скопје на тогашниот југословенски амбасадор од Македонија во Анкара, не се направи тоа. Истиот тој човек потоа пак отиде како амбасадор во Турција.
Дали уште тогаш се гледаше дека ние сме направиле „фаули“ во водењето на дипломатската битка, особено по Лисабонската декларација од јуни 1992 година.?
Дури во јуни 1992 година почнавме да градиме организационен и осмислен систем на вистинско министерство и на вистинска дипломатско-конзуларна мрежа или претставништва. Но,тоа беше многу доцна. Првите македонски амбасадори во Анкара и во Љубљана беа испратени дури пролетта 1993 пролетта. Во почетокот на 1993 година беше почната постапката за отворање дипломатско-конзуларни претставништва во Софија, Рим и, малку подоцна, Брисел. И, за жал, тоа беше се'. Првото македонско дипломатско претставништво беше во Тирана, благодарение на фактот што во времето на распадот на СФРЈ таму имавме втор човек во амбасадата.
Нели е тоа многу доцна?
Да, се согласувам дека тоа е многу доцна и затоа и ден-денес ги имаме рецидивите, и натаму ги трпиме консеквенциите, затоа што целата моја теза е дека тоа е како во трките, некои беа сто метри или два километра понапред од нас. Посебен проблем беше тоа што во почетните испраќања и кадровски решенија во дипломатскиот состав, вклучително и на некои амбасадори, државниот врв испраќаше луѓе кои ни оддалеку не можеа да ги задоволат капацитетите потребни за еден амбасадор, особено во тоа време.
Од 1990 година досега едно прашање константно е главна работа на нашата дипломатија, тоа е проблемот со името. Има ли дипломатска формула за да дојдеме до решение.
Се' уште сме заложници на политиката што се водеше во 1991, 1992 и во 1993 година врзана со меѓународното признавање на Македонија и најголемата грешка беше задоцнетото барање прием во ОН. Не знам дали ќе беше успешно ако го направевме тоа, меѓутоа тоа ќе го направевме веднаш со Словенија и Хрватска, односно веднаш по наодот на Бадентер. Тогашниот претседател на државата и неговиот „заменик“, т.е. министер за надворешни односи со странство, се' уште немаа, според мене, јасна перцепција, јасна визија што со Македонија - дали ќе биде независна. Тој проблем на задоцнето или неуспешно етаблирање на меѓународен план на Македонија ги затекна и двете влади - и експертската, која беше од март 1991 до јули 1992, но и Владата на СДСМ, која дојде во септември. И двете влади не можат да се амнестираат од нивното влијание и одговорност во врска со меѓународното етаблирање, меѓутоа моја оцена е дека во тој период за тие прашања одлучуваше претседателот на Републиката. Така што и денес сме заложници на таа историска грешка, тоа не' блокира во НАТО, тоа не' блокира за почеток на преговорите со ЕУ.
Мора да се каже дека флоскулата, која едно време ја употребував и јас - дека времето работи за нас - веќе веќе не работи толку добро колку што работи за другите. Тоа особено е јасно од Букурешт 2008 година. Решавањето на името, па членство во НАТО и преговори со ЕУ не е само позиција на Грција, туку е единствена позиција на 27 земји-членки на Алијансата и единствена позиција на земјите-членки на ЕУ. Тоа значи дека треба да се најде компромис што ќе ни ја врачи поканата за НАТО. Тоа ќе значи најмалку две работи - гаранција за безбедноста на Македонија (Балканот се' уште е во турбуленции, еве што се случува деновиве во Косово) и, конечно, елиминирање на сите можни обиди за прекројување на границите. Потоа, ќе донесе огромни економски благодати и инвестиции за кои странскиот капитал ќе биде сигурен дека ќе постои и ќе си ги врати парите. Или со еден збор, додека не се реши проблемот со името, не можеме да очекуваме ниту НАТО ниту почеток на преговорите со ЕУ, независно дали, колку и во колкава мера ги исполнуваме објективните критериуми според копенхашките документи.
Доколку се има волја и доколку не се мистифицираат или неточно се претставуваат работите и, се разбира, доколку имаме вистински преговарачи, а не како моментно поштари (откако таа должност ја напушти извонредниот амбасадор Вања Тошевски, сега починат), може да се изнајде решение со кое ниту ќе се гиба идентитетот на македонскиот народ ниту ќе се негира или гиба во постоењето на македонскиот јазик. Македонија имала пет уставни имиња, Македонија немала држава до 1944 година, живеела поробена под Кралска Југославија, живеела поробена под Отоманското Царство, па, сепак, Македонецот опстојал, македонскиот јазик е факт и нема ниту еден институт, тело што дава сертификат за постоењето нација или јазик. Решението мора да се бара во рамките на правилата на ОН, а имам впечаток дека формулацијата за црвената линија, на која Грција моментно инсистира јавно, е како да се продава кола, стан, земјиште на оглас, цената никогаш не не е онаа што е наведена. Таа формулација за име со географска одредница ерга омнес е само дел од преговарачката позиција и кога со вешти преговори, со вешта тактика, со создавање позитивна атмосфера на односите во која ќе се докаже дека не е единственото спорно прашање не е само името, туку дека треба да се решаваат и прашањата на Македонците, кои како грчки државјани живеат во Грција, решавање на имотите на бегалците. Кога целиот тој пакет ќе се стави на маса и искрено и отворено ќе се разговара во добри преговори, со добри инструкции и добра желба може да се најде компромис, кој во ниту еден случај нема да значи загрозување на интегритетот, јазикот, ниту, пак, гибање во Уставот.
Го знаете добро Јоргос Папандреу. Мислите дека тој може да направи еден чекор од седум милји за грчката јавност и грчката опозиција.
Сега Папандреу е во многу поспецифична ситуација поради економската криза, поради стабилноста на владата и енормниот долг што го има Грција. Иако тој е извонредно мудар, вешт политичар прифатен од Запад, особено од САД, ќе му треба многу поголем напор сега отколку што му требаше порано за да се изнајде некаков компромис. Мислам дека во времето кога јас често и интензивно комуницирав со Папандеру (имав дури 34 средби), Атина ќе беше задоволна само со едно спасување на образот и изнаоѓање една двојно победничка позиција, да нема ни победник ни губитник, туку двете држави да победат со решението доколку се изнајде едно решение кое во ОН кое ќе ја замени оваа апсурдна референца, бидејќи Југославија одамна не постои. Секоја држава во ОН има две имиња, едно е официјалното, а второто е таканаречено кратко име или име кое се користи на таблата каде што седи претставникот на државата. Бевме многу блиску до компромисно решение во 2000 година за кое, според моите оцени и сознанија, немаше да значи ниту мешање во внатрешните работи, ниту промена на Уставот, ниту грам негирање на постоењето на македонскиот народ и на македонската нација.
„Горна Македонија?“
Не, сосема друго. „Горна Македонија“ дојде некаде кон крајот на август 2000 година и ја донесе тогашниот премиер Георгиевски. Имавме сериозни разговори во кои беше вклучен и Нимиц и решението го баравме еден месец пред да се актуализира „Горна Македонија“ и тоа решение да биде во рамките на практиката вообичаена во ОН за користење две имиња.
|