Од скромниот семеен дом во кој беше се повлекол во длабок јавен молк (а пријателите велат: секојдневно водеше нескротен внатрешен монолог за драматичноста на ова наше време) вчера дојде куса вест: „На 8 септември 2008 година престана да чука благородното срце на нашиот сопруг, татко, свекор и дедо - ВАНЧО АПОСТОЛСКИ“. Вест составена во големиот стил на Ванчовата голема човечка скромност! А, всушност, престана да чука самопрегорното срце на еден од основоположниците на слободното македонско новинарство, на македонската публицистика, на еден од достоинствените дејци на македонското општество и македонската државност, во кои Ванчо Апостолски го вгради својот животен пат. § припаѓаше на онаа историска млада генерација која својата младост ја започна со својот удел во извојувањето на долгожеднеаната слобода и државност, па потоа со целиот ентузијазам се втурна во изградувањето на темелниците на таа слободна македонска држава. Беше еден од првите дописници на првиот слободен македонски дневен весник „Нова Македонија“ од родниот Штип, па соработник и уредник на тие први редакции што ги поставуваа основите на македонското новинарство, а потоа осум години беше генерален директор во времето кога „Нова Македонија“ го постигнуваше својот зенит. Беше хроничар, аналитичар, вљубеник во трагањето по автентичните вистини за историските корени на националниот идентитет на македонскиот народ, за длабокиот континуитет на македонското национално ослободително движење, страствен бранител на светлите и драматични страници на историјата на тоа движење, но и жесток полемичар со обидите на историчарите и политичарите на одделни балкански земји за присвојување и кривотворење на македонскиот идентитет, историја и за правото на свој живот на својата земја, неправедно распарчувана од туѓите апетити. Ванчо Апостолски напиша многу статии, студии и неколку брошури и книги. Но, беше самосвесен дарител во името на каузата за македонската вистина, па многу негови текстови го носеа потписот на истакнати државници и политичари во тоа време. Беше на лостови - на кои им беше потребен на татковината и на државата: директор на Уредот за информации на Владата на Република Македонија, пратеник и потпретседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, член на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија. Работниот век го заокружи со најодговорните државни функции: член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија и во еден мандат беше на чело на колективниот шеф на државата - Претседателството на СРМ. Остана тих, скромен како што велеше тој: „Го дав��в и вложував во општеството тоа што и' бев должен на државата затоа што со неа се извишивме и ние - до човековото достоинство!“ А недостигот на тоа достоинство - беше главната актуелна забелешка што ја имаше Ванчо Апостолски и за својата прва професионална љубов - новинарството и за онаа - општествената, на која со одговорност и' се посвети. Така, пред неколку година, во една другарска средба жестоко Ванчо се горчеше: „Новинарот треба да и' остане достоен на професијата, да и' служи на вистината, а политичарите не смеат да бидат импровизатори на политиката на една земја, тие треба да ги знаат и нејзината историја и душата на народот“. Штета што не го напиша тоа доблесниот Ванчо Апостолски. Но, примерот на неговото достоинство во неговиот богат работен век останува отворена книга што треба достоинствено да се допишува. Петар Карајанов