Девет зони во Пелагонија, каде се инвеститорите?
Одговорните во речиси сите општини јасно потврдуваат дека привлекувањето инвеститори ќе биде многу тежок бизнис
БИТОЛА - „Кој ќе преживее ќе раскажува“. Вака еден од пелагониските градоначалници во неформален разговор се обиде да ја опише замислата за изградба на девет индустриски зони во Пелагонија и за бизнисот во иднина. Проектот инициран од Советот за развој на Пелагонискиот плански регион, а во најголем дел финансиран од швајцарската влада уште на почетокот предизвика незадоволство и револт кај дел од локалните власти.
Во општините Битола, Новаци, Могила, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен ќе се гради по една зона, а две во Прилеп. Сите самоуправи каде што се предвидени индустриски зони се на иста позиција во трката за привлекување инвестиции. Разликата е само во Алинци која е слободна економска зона.
Нелојалната конкуренција разочара дел од општинските власти, бидејќи на потенцијалните странски инвеститори сигурно повеќе ќе им одговараат слободните економски зони отколку индустриските. Од друга страна, зоните се толку блиску распоредени, што меѓу некои оддалеченоста е само дваесет километри. А двете најголеми зони, битолската во Жабени и прилепската во Алинци ги делат 40 километри.
Фактите потврдуваат дека во големиот проект општините влегоа речиси неподготвени, без расчистена сопственост на земјиштето, без инфраструктура, без урбанистички планови... Но, тоа не е најлошото во овој проект. Многу посериозно е тоа што речиси сите општини јасно потврдуваат дека досега не примамиле ниту еден инвеститор. Доволно е да се спомене што индустриската зона „Жабени“ во се обидува веќе неколку години, но не успева. А токму од работата на општините ќе зависи која зона ќе заживее, а која ќе пропадне.
Градоначалниците се скептици дека промоцијата на сите девет зони одеднаш ќе донесе резултати. „Интерес за новата зона не пројави ниту еден инвеститор, иако локацијата е најдобра од сите други. Имаме одлични предуслови. Но, не е тоа проблемот. Направени се грешки во чекори. Требаше на одредена зона во еден период да е' се даде одредена предност, а другите да се одложат за подоцна. Вака со сите одеднаш нема ништо да биде, однапред се осудени на пропаст“, реагира Гоце Дуртановски, градоначалник на Општина Кривогаштани. Зоната во Кривогаштани е најмала, од само 2,5 хектари, но со цена од близу 25 евра по квадратен метар.
Дуртановски вели дека зоната во Кривогаштани би била идеална за прехранбена индустрија. Но, никако за фабрики поврзани со друга индустрија, бидејќи регионот е земјоделски. Меѓутоа, на истите карти игра и Општина Новаци, која нуди зона за изградба на преработувачки капацитети за зеленчук и овошје. Плановите на Новаци се да формира јавно претпријатие по теркот на Општина Битола, која веќе две години има назначено директор на зоната. Тој е на платен список на Општината, а се' уште нема заинтерес��рани инвеститори.
„На почеток сме со зоната, но планираме да формираме јавно претпријатие и да вработиме неколкумина. Градиме стратегија да привлечеме инвеститори, кои ќе се вклопат во амбиентот на најголемата житница во државата. Проектот девет индустриски зони значи дека ќе имаме полни раце работа, а секоја да се избори за повеќе инвеститори“, вели Лазар Котевски, градоначалник на Новаци. Зоната во оваа општина опфаќа 17 хектари, а е лоцирана во близина на манастирот „Пресвета Богородица“ по текот на Црна Река. Но, Општината Новаци предупредува дека се можни поплавувања на земјиштето каде што ќе се гради зоната.
Проектот девет индустриски зони во Пелагонија за демирхисарци е веќе пропуштена шанса. „Ова е задоцнета работа за Демир Хисар. Уште во 1996 година е донесен урбанистичкиот план за индустриска зона, а ништо не е направено. Се' уште немаме улици, а и најголемиот дел од земјиштето е приватно, па инвеститорите си фатиле други локации и други објекти. Сега интересот за инвестирање е многу мал. Во последно време нема никакви инвестиции“, оценува Тони Ангелевски, градоначалник на Демир Хисар. За зоната што на 11 хектари ја нуди Демир Хисар, Ангелевски вели дека најпогодна би била за сервисни услуги. Демирхисарци сметаат дека е неразумна работа формирање јавно претпријатие за зоната.
Во Могила се нуди локација за индустриска зона покрај стариот пат Битола - Прилеп,и тоа по најниска цена, од нецели три евра за квадрат. Жителите сметаат дека зоните значат планирање на економскиот развој на општините и како такви ќе ја спречат миграцијата село-град.
„Развојот на индустријата не треба да се концентрира само во еден регион. И сега ги трпиме грешките и последиците. Индустријализацијата на Битола ги испразни нашите села, а развојот на општините треба се гледа токму во тие инвестиции“, нагласува Славко Велевски, градоначалник на Могила, општината која не успеа да ја задржи единствената голема инвестиција за изградба на дистрибутивен центар за откуп на тутун во регионот.
И покрај незадоволството и критиките, Советот за развој на Пелагонискиот плански регион ја означи трката по инвеститори на деветте општини. „Сигурно дека се многу зони за овој регион. Но, кој ќе успее, ќе успее. Сите имаат подеднакви шанси во натпревар за инвеститор. Од општините зависи колку ќе бидат успешни“, оценува Марјана Милевска од ПРЕДА. (А.Б.) |