ОМ: И Коњановски крие имот
Министерот за одбрана демантира и тврди дека ОМ е во „новоформиран брак“ со СДСМ
Министерот за одбрана, Зоран Коњановски, не ја пријавил реалната имотна состојба во анкетниот лист што го доставил до Антикорупциската комисија, се сомневаат од Обединети за Македонија.
„Во очекување одговор од Антикорупциска за случајот со непријавените 500 илјади евра на Сашо Мијалков, и' даваме на Комисијата нов случај на можна корупција. Сепак, одлучивме пред да се обратиме до Антикорупциска да му дадеме можност на Коњановски сам да ги пријави промените во имотната состојба. На крај би го замолиле министерот да им објасни на граѓаните како со плата од државната администрација може да се стекне толкав имот“, рече Наталија Ивчева Анева, генерална секретарка на ОМ. Според партијата, во анкетниот лист, кој е достапен за јавноста, Коњановски се обидел да се прикаже себеси како просечен граѓанин и навел дека е сопственик на стан во изградба во Скопје со вкупна квадратура од 54 квадратни метри.
Министерот Коњановски, пак, ги отфрла како невистинити ваквите обвинувањата. „Категорично тврдам дека немам осум стана, куќа под кирија од две илјади евра и деловни простории во Охрид. Зачудува фактот дека ова беше поставено на прес-конференција и тоа во прашална форма за да не ги тужам“, изјави Коњановски. Според него, Бошкоски и ОМ се во новоформиран брак со СДСМ и Бранко Црвенковски. „Во прв момент сметав дека тој брак е од финансиски интерес, но, очигледно, по ова што го прават секојдневно станува збор за чувства“, рече Коњановски. (А.М.М.) |