Здравје
Што ви недостига? Веројатно витамин Д
Последиците од дефицитот ќе бидат многу позначајни од несоодветен развој на коските и нивна прекумерна загуба. Секое ткиво во телото, вклучувајќи ги мозокот, срцето, мускулите и имунолошкиот систем, имаат рецептори за овој витамин
Витаминот Д, веројатно, е најзборуваниот и најпишуваниот додаток на деценијата. Иако со испитувањата и натаму се утврдува оптималното ниво во крвта и се препорачуваат хранливи количества, останува фактот дека огромен дел од населението - од здравите новороденчиња до кревките стари луѓе, како и многу други на возраст меѓу нив - имаат недоволно од оваа есенцијална хранлива состојка.
Ако податоците од тековните клинички испитувања бидат поткрепени во идните истражувања, потенцијалните последици од тој дефицит, најверојатно, ќе бидат многу повеќе од несоодветен развој на коските и нивна прекумерна загуба што, пак, може да резултира со паѓања и со фрактури. Секое ткиво во телото, вклучувајќи ги мозокот, срцето, мускулите и имунолошкиот систем, има рецептори за витаминот Д, што значи дека оваа хранлива состојка е потребна на соодветно ниво за да можат ткивата добро да функционираат.
Испитувањата укажуваат дека ефектите од дефицитот на витамин Д се: зголемен ризик за појава (и за смрт) на рак на дебелото црево, на градите или на простатата; висок крвен притисок и кардиоваскуларни болести; остеоартритис; абнормалности на имунолошкиот систем што можат да резултираат со инфекции и автоимунолошки заболувања, како што се мултипла склероза, дијабетес од тип 1 и ревматиден артритис.
Повеќето луѓе во современиот свет имаат животен стил што ги спречува да стекнат ниво на витамин Д како што предвидува еволуцијата. Ултравиолетовите Б-зраци од сонцето, кои се апсорбираат преку кожата, се главен извор на оваа хранлива материја во телото. Првите луѓе еволуирале во близина на Еквадор, каде што изложеноста на сонце е интензивна низ цела година, а минимално облечените луѓе минувале поголем дел од денот на отворено. „Како вид, ние не сме изложени на сонце како порано, а хранливите извори на витаминот Д се минимални“, истакнува д-р Едвард Џовануци, нутриционист од Харвардската школа за јавно здравство во Архивите на интерна медицина. Провитамин Д се формира во кожа изложена на сонце, а од 10 до 15 отсто веднаш се претвора во витамин Д, форма што се наоѓа во додатоците. Потоа витаминот Д во црниот дроб се претвора во 25-хидроксивитамин Д, главна форма на циркулирање. Конечно, бубрезите го претвораат 25-хидроксивитамин Д во биолошки активна форма 1,25-дихидроксивитамин Д, познат уште како витамин Д хормон.
Нивото на витамин Д кај човекот се мери во крвта како 25-хидроксивитамин Д, што се смета како најдобар индикатор за доволно количество. Една неодамнешна студија покажа дека максимална густина на коските се постигнува кога нивото на 25-хидроксивитамин Д во крвниот серум достигнува 40 нанограми на милилитар или повеќе.
„Во поголем дел од човечката еволуција, кога се развивал системот на витамин Д, ’природното’ ниво на 25-хидроксивитамин Д, најверојатно, било околу 50 нанограми на милилитар или повеќе. Во современите општества мал број луѓе достигнуваат толку високи нивоа“, пишува д-р Џовануци.
Иако повеќето прехранбени продукти денес се дополнети со витамин Д, сепак, експертите истакнуваат дека ретко може да се консумираат соодветни количества преку исхраната. Главните извори од храната се масни риби (лосос, скуша и конзервирана туна) и масно млеко, како и бебешка храна, жита и сок од портокал.
Луѓето од постудените региони ги создаваат своите годишни резерви на природен витамин Д во лето, кога ултравиолетовите Б- зраци се најдиректни. Но, колку е помала изложеноста на сонце, колку е потемен тенот на кожата и колку повеќе се користат средства за заштита од сонце, толку помалку се формира превитамин Д и толку е помало нивото на витаминот во серумот. Луѓето што имаат фобија од сонце, бебињата што се хранат исклучиво преку цицање, постарите лица и оние што живеат во старечки домови, се особено изложени на ризик од недостиг на витамин Д.
Доктор Мајкл Холик од Универзитетот во Б��стон, главен експерт за витамин Д и автор на трудот „Решение - витамин Д“, истакнува: „Би сакале сите да имаат над 30 нанограми на милилитар, но моментно во САД белците во просек имаат од 18 до 22 нанограма, а Афроамериканците имаат просечно од 13 до 15 нанограми“. Афроамериканските жени се со 10 пати поголема веројатност да имаат нивоа од 15 или под 15 нанограми отколку белите жени, покажува третиот Национален истражувачки преглед за здравство и исхрана. Такви ниски нивоа можат да бидат објаснување за високата инциденца на неколку хронични болести во земјата, тврди д-р Холик. На пример, во североисточниот дел, каде што изложеноста на сонце е намалена, а нивоата на витамин Д последователно се пониски, стапката на рак е повисока отколку во јужниот дел. На сличен начин, стапката на висок крвен притисок, срцеви болести и рак на простата се повисоки кај Американците со темен тен отколку кај белците. Зголемената инциденца на дијабетес од тип 1 можеби делумно се должи на сегашната практика на заштита на младите од изложеност на сонце.
Актуелните препораки за внесување витамин Д, утврдени од Медицинскиот институт, се 200 И.У. дневно од раѓање до 50 години (вклучувајќи и бремени жени); 400 И.У. за лица од 50 до 70 години; и 600 И.У. за оние над 70 години. Иако станува збор на корекции за повисоки количества, повеќето експерти очекуваат дека ќе погрешат за ниската вредност. Доктор Холик препорачува дневно да се внесуваат од 1.000 до 2.000 единици за сите лица што не излегуваат на сонце, бремени жени и доилки, како и за возрасни над 50 години. Американската академија за педијатрија препорачува новороденчињата што цицаат да добиваат 400 единици дневно се' додека не престанат да цицаат, и да консумираат четвртина или повеќе масно млеко или бебешка храна секој ден.
Со соодветна изложеност на сонце в лето можно е да се одговори на годишните потреби на телото за витамин Д. Меѓутоа, толку многу фактори влијаат на брзината со која се формира витаминот Д во кожата, што е тешко да се утврди универзална јавна здравствена препорака. Д-р Холик, како генерална препорака, сугерира в лето да се престојува на отворено, без заштита со лосиони за сончање (освен лицето), да се носи минимум облека од 10 до 15 часот, два-три пати неделно, од пет до 10 минути. Обилно мачкање на кожата со заштитни средства со фактор 30 ќе ја намали изложеноста на ултравиолетовите Б-зраци за 95-98 отсто. Но, доколку во кожата се создава доволно витамин Д во текот на летото, може да се одговори на потребите на телото во останатиот дел од годината, нагласува д-р Холик.
Доколку се стекнат природно преку кожата, тогаш резервите на витамин Д во телото имаат вграден систем на исклучување. Кога ќе се создаде доволно количество натамошното изложување на сонце ќе го уништи вишокот. Тоа не се случува кога изворот е вештачки, бидејќи витаминот оди директно во црниот дроб.
Симптомите за токсичност од витамин Д се: мачнина, повраќање, намален апетит, тврда столица, слабост и губење на телесната тежина, како и опасни количества калциум што може да доведе до создавање камења во бубрегот, конфузија и невообичаени срцеви ритми. И д-р Џовануци и д-р Холик сметаат дека е многу тешко да се достигнат такви токсични нивоа. Кај здрави возрасни лица што земаат 10.000 И.У. дневно, во период од шест месеци или подолго, не се покажаа никакви штетни ефекти. На луѓето со сериозен недостиг од витамин Д честопати им се препорачува неделна доза од 50.000 единици, се' додека не се реши проблемот. За да се минимизира ризикот од каква било долгорочна токсичност, експертите препорачуваат возрасните лица дневно да примаат од 1.000 до 2.000 единици од додатокот.
ИСХРАНА
Иако повеќето прехранбени продукти денес се дополнети со витамин Д, сепак, експертите истакнуваат дека ретко може да се консумираат соодветни количества преку исхраната. Главни извори од храната се масните риби (лосос, скуша и конзервирана туна) и масното млеко, како и бебешка храна, жита и сок од портокал |