Манифестација
Смачкани над 100 илјади пастрмалии
Иван Бојаџиски
Штип – Три дена Штип и неговите бројни гости уживаа во репрезентативниот специјалитет – штипска пастрмалија. И додека на улицата „Ванчо Прќе“ во центарот на градот, која од идната година треба да стане шеталиште, илјадници штипјани и гости од речиси сите места во источна Македонија, од Скопје и од други градови во Македонија, се насладуваа со вкусниот специјалитет, на плоштадот се одвиваше Фестивалот на медот.
Целата оваа парада на добриот вкус беше во организација на Општина Штип. На стотина убаво наредени продажни штандови на бројни штипски угостителски претпријатија, масовно се јадеше од надалеку прочуениот штипски специјалитет. Гурманското уживање беше дополнето со убавите македонски вина на дваесетина винарски визби од нашава држава и со производите на нашите пиварници и фабрики за сокови.
Градоначалникот Зоран Алексов го изрази своето задоволство од квалитетот на манифестацијата и од бројноста на гостите, кои по исклучително убаво време како во најдобрите пролетни месеци, го посетија Штип.
„Ова ни е четврта година како на нашиот гурмански бренд му го посветуваме целото наше внимание, но годинашнава манифестација беше најдобра и најпосетена досега. Од година в година Штип ќе расне како град во однос на ’Пастрмалијадата‘, а се надеваме дека и идната година ќе не' послужи и времето“, рече градоначалникот Алексов.
До вчера не се знаеше бројот на пастрмалиите што беа изедени, но од постарите угостители ни беше речено дека тој број не е под сто илјади парчиња. Гостите имаа само една забелешка.
„Пастрмалијата што ни ја понудија на улицата каде што се одржуваше манифестацијата беше многу мала, па затоа сите гости, откако ќе се соочеа со убавиот амбиент, заминуваа во некоја од штипските кафеани за вистински да се наситат од овој исклучителен специјалитет“, ни рече кочанецот Иван Јорданов, кој со семејството и група пријатели во саботата престојуваше во Штип.
Во рамките на „Пастрмалијадата“ се одржа и традиционалната трка на келнери. Најбрз и најспретен беше Јове Велевски од ресторанот „Сутјеска“, кој од градоначалникот Алексов доби сто евра за најдобриот резултат.
„Културен однос, навремена услуга, квалитетни гурмански специјалитети. Тоа треба да го има секој келнер“, рече Велевски.
На градскиот плоштад неколку десетици производители на мед од цела држава ги изложија своите слатки производи. Тоа беше повод поголем број граѓани, по цени пониски до дваесет проценти од оние во продавниците, да се снабдат со квалитетен мед.
„Пастрмалија и мед. Две преслатки нешта за сите сладокусци. Штип ова го организира на вистински начин и ние овде си поминавме еден прекрасен викенд“, ни изјави Стојанка Петровска од Скопје, која рече дека и идната година со семејството ќе дојде на штипската „Пастрмалијада“. |