Двојните избори ќе бидат на 22 март
Првпат на овие избори кандидатите за претседател и за локални функционери ќе даваат изјави дека не биле кодоши
Оливера Војновска
Претседателот на парламентот, Трајко Велјаноски, денеска ќе ги распише претседателските и локалните избори кои, според најавите, ќе се одржат на 22 март. Првпат на овие избори кандидатите за претседател и за локални функционери ќе даваат изјави дека не биле соработници на тајните полициски служби. Нивните изјави ќе ги проверува комисијата за лустрација, за која лидерите на четирите најголеми партии во македонскиот и во албанскиот блок вчера постигнаа договор да биде формирана пред изборите. Изборната кампања официјално треба да стартува на 1 март, иако партиите одамна ја пуштија пропагандната машинерија, а неприкосновена во тоа е владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Кампањата ќе трае 20 дена, до 20 март на полноќ - петок спроти сабота, по што почнува дводневниот изборен молк. Парламентот ќе заседава до средината на февруари, а во периодот на изборите нема да има пленарни седници.
Собранието вчера ги усвои уставните измени за намалување на цензусот на избор на претседател во вториот круг од 50 на 40 отсто, со што практично се отвори патот шефот на парламентот да ги закаже пролетните избори. Споменатата уставна корекција претходно беше договорена со лидерската четворка, а за прогласувањето на 31 амандман на Уставот гласаа 86 пратеници од сите пратенички групи, немаше ниту еден воздржан или против.
Велјаноски пред новогодишните празници на неформална средба со новинарите изјави дека планира да ги свика изборите во последната или претпоследната недела од март. Тој преферира изборите да бидат на 22 март за побрзо да заврши целата изборна приказна и институциите да продолжат да функционираат нормално. Овој термин во неофицијални разговори го сугерирале и европски дипломати, со цел седум дена подоцна на неформалниот состанок на ЕУ, посветен на Балканот, Брисел да го има првичниот извештај од изборниот процес. Датумот на изборите начелно беше усогласен на лидерските средби, а двата термина се прифатливи и за власта и за опозицијата. Велат дека нема суштинска разлика дали гласањето ќе биде една недела порано или подоцна, туку многу е поважно какви ќе бидат изборите.
На вчерашната собраниска седница за уставните измени шефицата на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова, соопштувајќи го ставот на социјалдемократите, ги повика партиите да покажат политичка свест и чувство за одговорност. „Уставот и законите не се гаранција за фер изборен процес, туку сите учесници на изборите, особено партиите на власта и институциите, треба да создадат демократска атмосфера. Неопходна е политичка волја за да се спроведат фер и регуларни избори какви што прилегаат за една демократска земја“, рече Иванова.
Во врска со изборите Велјаноски вчера имаше средба со претседателот на ДИК, Александар Новаковски, на која разговарале за подготовките за гласањето во март.
Од Кабинетот на парламентарниот спикер соопштија дека Велјаноски истакнал оти „задача на сите институции е во рамките на уставните и законските обврски да сторат се' претстојните избори да поминат спред европските стандарди, а за што ние како држава имаме капацитети и знаење“. Претседателот на ДИК, Новаковски, посочувајќи ја добрата соработка со Собранието, изразил уверување дека Комисијата ќе ги изврши сите свои уставни и законски обврски.
|