Убиваат за да дојдат до нов живот
Монструозноста на сериските убијци најчесто се докомплетира со сексуална нарушеност
Јасмина Јовановска
Според психијатрите, сериските убијци се психопати кои убиваат заради сексуално задоволство или, пак, зашто не се задоволни од себе и од околината, поради што се нарекуваат некросадисти. Ваквите убијци, како што објаснуваат психијатрите, вешто се прикриваат со тоа што сосема нормално се однесуваат со семејството и со блиските, а стануваат сосема друга личност кога убиваат. Затоа ретко кој од нив може да ги издаде своите убиствени намери. Девизата на овие некрофили е тоа што тие убиваат за да дојдат до нов живот.
„Профилот на серискиот убиец од Кичево нема сомневање дека укажува на герантофил, човек кој сексуално се задоволува со баби“, вели невропсихијатарот Павле Павлов. „Како што педофилите сексуално се задоволуваат со деца, така герантофилите го прават тоа со баби. Но, герантофилијата не е психолошка болест, туку станува збор за нарушена личност“, додава д-р Павлов.
„Кај овие личности сите сфери се зачувани, а е нарушена само една, онаа за сексуалноста. Неговата интелигентност, која е здрава, му вели дека тоа што го прави е забрането и ќе биде казнет и оцрнет во јавноста ако се открие, па затоа напаѓачот на бабите дури е подготвен да ги убие жртвите за да не го издадат“, објаснува д-р Павлов. За герантофилите се вели дека имаат само сексуално нарушување и затоа кога се со семејството или на работното место, се однесуваат здраво, но кога ќе им се укаже можност, која секако сами си ја местат, напаѓаат“, вели д-р Павлов. За жртви најчесто ги избира оние што му се во околината, како на пример во овој случај чистачките кои ги среќавал.
„Монструозноста на сериските убијци најчесто се докомплетира со сексуална нарушеност“, смета и невропсихијатарот Михаил Левенски. „За ваквите профили на личности, кои за среќа не се чести, се вели дека се емоционално загрозени од себеси и од околината и тие се без позитивни причини за живот, што може да се потврди и со наводното самоубиств�� на убиецот, кое укажува дека со себе постапил на ист начин како и со жртвите“, објаснува д-р Левенски.
Овие лица страдаат од прекумерна осакатеност на емоциите и тие се толку обезличени што се безлични, вели д-р Левенски и укажува дека кај нив проработуваат вродени механизми за некросадизам, односно за монструозни активности и одат во напад. Се нарекуваат некросадисти, кај нив се јавува возбуда од монструозност, која убиецот ја зачинува со перверзии и затоа тие уживаат во страдањето на жртвите и ги убиваат. „Во нивната глава се појавуваат импулси кои не може да се скротат и кои се како оган и не може да се контролираат, а немаат одговор за нив, што се смета за ментално нарушување“, потенцира д-р Левенски. Нивната мирољубивост и тоа што се толку тивки е само маска за нивниот садизам, што е објаснување за нивната двојност и тоа што тие нормално си ги извршуваат своите работни задачи и вешто се прикриваат, како што најверојатно е и случајот со новинарот.
Во кичевската болница немаат сознанија дека Владо Танески се лекувал од некаква депресија. Напротив, тој бил добар, мирен и затворен човек. |