Многу нејаснотии и дилеми околу смртта на новинарот од Кичево
Улицата на која живееле жртвите на Танески
Братот на новинарот, бара да се разјасни целиот случај и да се докаже дали тој ги убил жените
Киро Кипроски
КИЧЕВО - Серијата на шокови и потреси на населението во Кичево продолжува. Кичевчани едвај се созедоа по веста дека нивниот сограѓанин, новинарот Владо Таневски, од полицијата е осомничен дека ги убил нивните сосетки, кога, повторно ги „замрзна“ веста дека Таневски се самоубил во кофа со вода во тетовскиот затвор.
Коментарите за неговата вмешаност во убиствата и самоубиството се главна тема во кичевската чаршија и во кафулињата, додека во улицата во која живееше Таневски владее целосен молк. Немилите настани, кои се случуваат како на филмска лента, го нарушија мирното секојдневје на кичевчани, кои велат дека во вакви напнати услови е многу тешко да се живее.
„Тешко ми е што брат ми Владо така го заврши животот. Иако триесетина години немав никакви контакти со него, сепак, брат си е брат и многу ми е тешко“, низ солзи зборуваше Љупчо, брат на кичевскиот новинар. Тој вели дека брат му бил само осомничен, но порачува дека сака да се разјасни и да се докаже дали брат му навистина бил сторител на такви злосторства.
„Зошто само по 72 часа од притворот се случи овој немил настан? Со ова, место клопчето на мистеријата на убиствата на четирите невини жени од кичевската улица „!1 Септември” да се одмотува, уште повеќе се замрсува, а мозаикот никако да се вклопи?“, се прашањата кои ги поставува неговиот колега Саша Дуковски, дописник на МРТВ од Кичево, кој со тага и болка ја примил веста дека Владо Таневски, во неразјаснети околности си го одзел животот во тетовскиот затвор.
Тој укажува дека истрагата треба да го расветли самоубиството на Таневски и со зголемен интензитет и со вклучување на повеќе криминалистички експерти во расветлувањето на убиствата и со судска завршница да се дознае вистината. „Епилогот е повеќе од неопходен. За семејствата на загинатите, за лицата кои се осомничени, некои и осудени. Тоа е потребно за мирот на кичевчани, за новинарството, за иднината и спокојството на жителите на Кичево“, вели Дуковски.
Новинарите се шокирани од смртта на Таневски, особено што истрагата само што започна и не знае дали ќе се докажеа делата за коишто беше осомничен.
Кичевчани се шокирани од веста за самоубиството на Таневски. Многумина ни рекоа дека на ваков начин не требаше да заврши неговиот живот. „Ако е виновен, ако беше убиец, требаше да се докаже, да се осуди и казната да ја издржи во затвор“, коментираат жителите во градот.
„Со самоубиството, соседот Владо сакаше да се спаси од судењето“, вака размислува Зоран Темелковски, син на Живана, која ѕверски беше убиена во мај годинава. Зоран последната средба со новинарот Таневски ја имал пред десетина дена, кога тој бил прашан дали има некои нови сознанија од истрагата. На таа средба Таневски му рекол: “Каков е тој човек што можел да го направи тоа?“
Неколку сосетки за новинарот Таневски зборуваат во суперлативи, дека бил добар сосед, коректен и на неговото однесување немаат никаква забелешка. И покрај тоа што бил осомничен, не веруваат дека е можниот убиец. За неговото самоубиство во затворот во Тетово сметаат дека е наместено, за да се скријат сите мистерии со убиствата на четирите жени.
Дали самоубиството на Таневски уште повеќе ќе ја усложни истрагата за исчезнувањата и убиствата на четирите жени? Или, пак, истражните органи ќе ја забрзаат истрагата, ќе ја разоткријат мистеријата и вистинските сторители? Со ваква надеж живеат роднините и пријателите на починатите, како и жителите на Кичево. |