Нов кредит од 70 милиони евра од Светска банка
Според Славески, нормално е Владата да се задолжува за капитални инвестиции
Македонија се задолжи кај Светска банка со кредит во износ од 70 милиони евра, за реализација на проектот за подобрување на регионалната и на локалната патна мрежа. Кредитот е со рок на отплата од 20 години и грејс-период од пет години и со каматна стапка за 0,06 отсто пониска од референтната каматна стапка. Во договорот за подобрување на постојната регионална и локална патна мрежа, кој вчера го потпишаа министерот за финансии Трајко Славески и постојаниот претставник на Светска банка во Македонија Маркус Репник, оставена е можноста каматната стапка да биде фиксирана доколку се договорат двете страни.
„Договорот за заем во рамки на четиригодишната Стратегија за соработка со Светска банка покажува голема флексибилност кон потребите на Македонија. Тој е ратификуван едногласно во македонското Собрание, што значи него го поддржа и опозицијата“, рече министерот Славески, истакнувајќи дека тој веднаш станува оперативен.
Според министерот за финансии, нормално е Владата да се задолжува кога се работи за капитални инвестиции кои не можат да се финансираат само од државниот Буџет. Тој најави дека Владата ќе обезбеди и нови 50 милиони евра за реализација на проектот преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој би требало да биде потпишан есенва.
Есенва треба да започне и реализацијата на проектот со кој ќе се финансира рехабилитација на 330 километри регионални патишта, околу 8,7 проценти од сите регионални патишта, и 420 километри локални патишта или околу пет отсто од сите локални патишта, според селекција направена од општините. „Парите ќе им бидат поделени на сите 84 општини во Македонија и нивната дистрибуција ќе се врши по формула подготвена од Министерството за финансии“, додаде Славески.
Формулата предвидува површината на општината во квадратни километри да учествува со 35 отсто, бројот на население со 35 отсто, бројот на населби во општината со 20 отсто и до��жината на локалната патна мрежа со 10 отсто од сумата што ќе се определи.
Годинава и Владата ќе одвои 12,8 милиони евра, средства од Буџетот, за реализација на проектот. „Со проектот се дава поддршка на Националната програма, која е со високи стандарди. Тој е најголема инвестиција финансирана во Македонија и е најдобро подготвена програма од Светска банка за Македонија за само седум месеци од првичните дискусии до одобрувањето од Бордот на Светска банка“, изјави Репник. (А.С.)
|