Бензините поевтини за 2,5 денари, дизелот за 1,5
Од денеска бензините се поевтини за 2,5 денари, дизелот за 1,5, а нафтата за домаќинство за два денари за литар, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика. Со оваа одлука се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,03, односно за 1,37 отсто.
Новата цена на моторниот бензин МБ-96 изнесува 78 денари, на ЕУРОСУПЕР-95 е 75 денари, а на ЕУРОСУПЕР-98 е 76 денари за литар. Дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е ИВ) се продава за 75 денари за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ) за 63,50 денари, а екстра лесно масло за домаќинство-1 (ЕЛ-1) изнесува 64, денари за литар. Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за 0,614 денари за килограм се зголемува малопродажната цена на мазутот М-2 кој сега ќе се продава за 38,896 денари за килограм. (Ек.Р.) |