ММФ уште ни треба, Владата да не избрзува
Експертите сметаат дека контролата од Фондот е неопходна во време на големи економски ризици
Нина Нинеска - Фиданоска Александрија Стевковска
На Македонија и натаму и' е неопходен аранжман со Меѓународниот монетарен фонд. Дури сега тој е попотребен отколку пред две години. Таа институција е единствениот контролор врз работењето на Владата. Ако трговскиот дефицит и натаму продолжи драматично да расте, а дознаките од странство да се намалуваат, Македонија ќе мора да склучи нов аранжман за платно-билансна поддршка.
Вакви предупредувања стигнуваат од експертите во државава откако македонската Влада најави дека е можно да не потпишува нов аранжман со монетарците, со оглед на тоа што актуелниот истекува веќе во август. Тоа, пак, би значело дека нашите власти не се далеку од варијантата да му се „заблагодарат“ на ММФ на соработката, уште повеќе што такви сигнали Владата на Груевски упатува уште кога го доби првиот мандат пред две години, враќајќи го предвреме долгот спрема Фондот.
Но, има и аналитичари кои не гледаат потреба од влегување во ново партнерство со ММФ.
Само за потсетување, Фондот важи за главен контролор на финансиските текови и со своите совети помага да се одржи макроекономската стабилност во државава. Оцените на Фондот за економската состојба на една земја, исто како и неговите забелешки, се пресудни за мислењето и извештаите што ги гради Европската унија за таа држава.
Владата смета дека не и' е потребен аранжман за платно-билансна поддршка. „Немаме потреба од продолжување на ваков аранжман, за поддршка на платниот биланс. Во меѓувреме се разгледуваат сите опции што би и' одговарале на Македонија за соработка со ММФ. Но, допрва ќе се одлучува дали ќе склучуваме нови аранжмани“, изјави неодамна портпаролот на Министерството за финансии Мартин Мартиновски.
Но, најголем дел од експертите не ја делат оваа самоувереност. „Ако се зборува за интересите на државата, многу подобро за неа е да продолжи соработката со ММФ. Кога една Влада нема контрола од меѓународните финансиски институции, таа се однесува нерационално и не ги гледа интересите на граѓаните, туку само теснопартиските цели“, изјави за „Утрински“ Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии. Според него, доколку Македонија остане без аранжман со Фондот, самоволието кое се случува во последните две години ќе продолжи неограничено.
Ексминистерот вели дека веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ го доби мандатот, беше јасен нивниот однос спрема ММФ. „Тие и кога дојдоа на власт рекоа ’не ни треба ММФ‘. Веднаш ги намирија долговите кон Фондот, за потоа пак да се задолжат. Тоа не е конзистентна политика“, вели Хајредини. Според овој експерт, многу е извесно дека државата ќе треба да се задолжува во многу скоро време за да се покрие гепот во платниот биланс. „Се очекува дека ќе продолжи драматичниот тренд на раст на трговскиот дефицит. Со оглед на тоа што опаѓаат трансферите од иселениците, тогаш од каде ќе се покрие тој дефицит ако не од ново задолжување. Состојбата е драматична и ќе биде неопходен аранжман за платно-билансна поддршка“, вели Хајредини.
Професорот на Универзитетот на ЈИЕ Абдулменаф Беџети смета дека аранжманот сега ни е дури и попотребен од пред две години. „Од формален аспект, партнерството на Македонија со ММФ не е неопходен услов за влез во ЕУ. Но, од аспект на кредибилитет и неповолната економска ситуацијата која владее во земјава, аранжманот со ММФ моментно е понеопходен отколку пред две години. Доколку не склучи нов аранжман, на Македонија и' се заканува финансиска изолација, што сега не и' е потребно. Според актуелните случувања во финансиската сфера, земјава покажа дека има фискален капацитет, но не и фискална дисциплина, што може да биде погубно. Класичен пример за таа недисциплина е брзината со која беше донесен ребалансот на Буџетот, па се наметнува прашењето што се' може да направи Владата во услови кога би го немала ММФ како супервизор“, вели Беџети. За овој експерт наредниот аранжман што би требало да се склучи би бил во делот на поддршката на постприватизационата изградба на институциите.
Но, има и спротивни мислења. Според Марјан Николов од Центарот за економски анализи, ММФ не и' е потребен на Македонија. „Македонија нема потреба од склучување нов аранжман со ММФ, бидејќи се елиминирани сите критични точки кои досега бараа склучување аранжмани, како што се криза на билансот на плаќање, нестабилниот финансиски систем, неодржлив надворешен долг, влошување на буџетскиот дефицит. Земјава ги елиминираше сите овие опасности и во иднина освен одржување билатерални односи со ММФ, нема потреба за влегување во ново партнерство со нив“, вели Николов.
Шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Марк Грифитс веќе утре треба да допатува во земјава.
|