Убавата Јулија оди на суд
![](WBStorage/Articles/95C5C1A377E8C24DBAD93EE098D93C84.jpg)
КИЕВ - Поранешната премиерка на Украина и хероина во Портокаловата револуција во 2004 година, Јулија Тимошенко, излезе пред судот во Киев поради злоупотреба на службената должност. Тимошенко ги отфрли обвиненијата, кои се однесуваат на договори за испорака на природен гас со Русија како одмазда од нејзиниот ривал, претседателот Виктор Јанукович. Таа го загуби премиерскиот мандат во март 2010 година, по гласањето на недоверба. Тимошенко побара Европскиот суд за човекови права да одлучи дали обвиненијата против неа се политички мотивирани.
Околу 1.000 нејзини симпатизери се собраа пред судот во Киев, кој беше опколен од полицијата, објави новинската агенција АФП. „Ова е фарса и циркус, а не судско сослушување“, изјави Тимошенко пред судијата, според АФП.
Иследниците наведуваат дека десетгодишниот договор за испорака на природен гас потпишан со Русија во јануари 2009 година бил погубен за украинската економија и дека Тимошенко не го имала одобрувањето од кабинетот за да го потпише.
Овие обвиненија не се први покренати против поранешната премиерка. Во декември таа беше обвинета за злоупотреба на 320 милиони евра примени од власта во 2009 година за продажба на кредити за емисии на јаглерод. (Би-Би-Си) |