Светот во 24 часа: Младоженец на 99 години, Гадаги ќе ја запали Лобија
![](WBStorage/Articles/CC6B79BEF7FDF5418E2AA1F37E6AFEAE.jpg)
Лидерите од ЕУ договорија измени во Шенгенската спогодба
Шефовите на држави и влади од ЕУ договорија измени во Шенгенската спогодба за слободно движење. Земјите членки ќе можат да воведат и контрола на внатрешните граници, но само како крајна мерка.
Откако Италија, Франција и Данска во последните месеци презедоа чекори, со кои се ограничува слободното движење во Шенген зоната, Европскиот совет денеска одобри нови мерки за регулирање на зоната.
ЕУ треба да го почитува овој голем акт, кој ние не смееме да дозволиме да го ризикуваме поради национални интереси, истакна германскиот канцелар Ангела Меркел. Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј потврди дека контролата на внатрешните граници може да биде воведена "во навистина критични ситуации".
Во Брисел има забранета зона за протести!
Брисел - Над 40 лица беа приведени вчера во Брисел на протестите заради прифаќање текст на закони поврзани со економски реформи во ЕУ. Демонстрантите, како што јавуваат локалните медиуми влегле во зона во градот каде не е дозволено организирање митинзи и протести. Апсењата се спроведени откако демонстрантите се упатиле кон Кралскиот парк. Административниот притвор истекува на полноќ, јавуваат локалните медиуми.
Се оженил прв пат на 99 години
Американецот Гилберт Херик се ожени за прв пат во својата 99-тата година од животот, откако конечно ја пронајде својата сродна душа, и тоа во ходникот од старечкиот дом во кој двајцата живееле.
Дека за вистинската љубов никогаш не е предоцна, покажа деведесетидеветгодишниот ветеран од Втората светска војна и пензиониран работник во пошта, Гилберт Херик. Деденцето неодмана се ожени со Вирџинија Хартман (86), вдовица со пет деца, која ја запознал минатата година во старечкиот дом.
Кристин Лагард фаворит за шеф на ММФ
Вашингтон - Француската министерка за финансии Кристин Лагард ја претстави својата кандидатура за директор на Меѓународниот монетарен фонд.
Лагард изјави дека на тричасовната средба со членовите на Управниот совет на фондот и на одделните средби со членови на советот ги искажала своите погледи за иднината на светската кредиторска институција.
„Мислам дека фондот треба да е попресретлив, и сигурно поефикасен и полегитимен“, рече Лагард по средбата. До 30 јуни Управниот совет на ММФ треба да избере меѓу Лагард и шефот на мексиканската централна банка Агустин Карстенс. Лагард се смета за фаворит.
Поранешниот директор на ММФ Доминик Строс-Кан поднесе оставка минатиот месец, откако беше обвинет за сексуален напад врз собарка во еден од хотелите на Њујорк.
Гадафи ќе ја запали Либија и ќе избега
Милано - Либискиот лидер Моамер Гадафи најверојатно ќе си замине од земјата, но бегајќи и притоа ќе нареди да бидат запалени десетици нафтени извори во близина на Триполи, изјави дене��ка поранешниот постојан претставник на Либија во ОН Абдел Рахман Шалкам.
„Можеби планира да отиде во Белорусија. Според мене тој ќе ја напушти Либија најдоцна за две до три недели“, истакна Шалкам во интервју за „Кориере де ла Сера“.
Според него, Гадафи пред да го напушти Триполи ќе се обиде да ги разурне нафтените извори, кои се наоѓаат во западниот дел на земјата, контролиран се уште од неговите сили. Меѓу нив се наоѓа и нафтениот извор во Гамадес, во близина на границата со Тунис.
„Ербас“ доби порачки за 730 авиони
Париз - Корпорацијата „Ербас“ (Airbus) објави денеска дека на Меѓународниот авиосалон кој се одржа на аеродромот Ле Бурже близу Париз, добила порачки за 730 авиони со вкупна вредност од 72,2 милијарди долари.
Тоа е нов рекорд во порачки за цивилни авиони добиени на авиосалон кој се одржува секоја втора година.
За моделот А320neo има 667 порачки за 60,9 милијарди долари. Од малезиската компанија „ЕрЕјша“ (AirAsia Bhd) пристигна најголема порачка во историјата по број на авиони - 200 А320neo за 19 милијарди долари.
Дваесетина либиски офицери побегнаа со брод во Тунис
Околу 20 офицери од либиската армија и полиција побегнаа со брод во Тунис, соопштија локалните медиуми.
Пловниот објект со вкупно 49 бегалци пристигнал во земјата вчера.
Деседтици претставници на либискиот режим побегнаа од почетокот на бунтот против Моамер Гадафи во февруари оваа година.
Според тројца високи либиски воени претставници, кои пристигнале во Тунис во текот на оваа недела, бројот на жртвите во конфликтот достигна над 15.000 луѓе.
Бунтовниците сакаат индиректни преговори со Гадафи
Индиректни преговори се водат меѓу Владата на Моамер Гадафи и опозицијата во Париз и во Јужна Африка, потврди портпаролот на опозицискиот Национален преоден совет во интервју за весникот „Фигаро“.
- Да, во моментот е остварен контакт преку посредници, рече портпаролот на советот базиран во Бенгази Махмуд Шамам. |