Летни тераси со согласност на Градот
Скопските општини до крајот на годината ќе треба да ги подготват програмите за поставување урбана опрема на јавен простор, одлучи вчера Координативното тело на градоначалници. Со тоа, смета градоначалникот Коце Трајановски, навремено ќе може да се уреди просторот пред угостителските објекти. Програмите во текот на следните месеци ќе треба да бидат усвоени од советите на општините, а во декември ќе биде објавен оглас до сите фирми што сакаат да користат јавна површина за добивање согласност од Градот. Обврска на градската администрација ќе биде да им одговори во текот на седум дена дали ќе ја добијат согласноста или не. Со тоа, вели Трајановски, навремено ќе се обезбеди ред во поставувањето урбана опрема и ќе се овозможи да бидат санкционирани сите што нема да ја почитуваат одлуката. Така, идната година градежната и пазарната инспекција ќе можат детално да ги чешлаат кафулињата и рестораните. Координативното тело информираше дека од средината на октомври за одржување на хигиената во Скопје ќе се користат уште шест нови камиони што ги набави Градот за „Комунална хигиена“. Трајановски рече дека Градот добил согласност од СБ за задолжување заради набавка на уште 40 или 45 камиони за комунален смет и 60.000 канти. (С.Н.) |