Општина Ѓорче Петров или сама да си гради зграда или со помош на Владата
Советот, сепак, одлучи да бара приватен партнер што ќе ја финансира новата општинска куќа
Сања Наумовска
Општинската зграда во Ѓорче Петров ќе се гради во соинвеститорство со приватен партнер, одлучи вчера општинскиот Совет. На одлуката и' претходеше долга дискусија во која опозицијата се обиде да предложи друг концепт за изградба на објектот. Имено, според советниците од СДСМ, општината треба да најде начин самата или со помош на Владата да го изгради објектот вреден близу четири милиони евра. Со тоа ќе има можност да го издава деловниот простор и од тоа да заработува.
„Зошто да му подариме деловен простор на некој инвеститор кога може општината да има голем финансиски бенефит од него? Парите можат да се искористат за помагање талентирани ученици, спортски клубови или сиромашни граѓани“, рече советникот на СДСМ, Горан Симоноски. Тој потенцираше дека општината може да се обиде да се задолжи во банките и самата да ја финансира изградбата или, пак, да побара помош од Владата. „Ниту една општина досега не го избрала овој концепт за изградба на своја зграда. Мора да се нагласи дека се работи за најатрактивната локација во целата општина“, рече Симоноски.
Соинвеститорството, пак, според градоначалникот Сокол Митровски, е единствениот начин Ѓорче Петров да добие своја куќа. Кредитната способност на општината од странските банки е оценета на 1,7 милиони евра, што е далеку од сумата потребна за изградбата. Исто така, потенцираше Митровски, банките не кредитираат изградби на административно-деловни објекти, туку само инфраструктурни зафати.
„Овој концепт може да ни понуди најбрзо решение, бидејќи општинската администрација веќе не може да функционира разделена на повеќе локации. Идејата за соинвеститорство заедно со сите други можни начини на изградба, се разгледува повеќе години и се покажа како најдобра за нас. Во изградбата не треба да се внесува политика, зградата не е за мене, ниту за кој било од нас, туку ќе им служи на граѓаните“, порача Митровски.
Новата општинска куќа може да има максимум 15.000 квадратни метри корисна површина, од кои 6.000 квадрати ќе и' припаднат на општинската администрација. Во неа ќе се сместат градоначалникот и Советот, како и сите служби. Остатокот од новата зграда ќе биде деловен простор со кој ќе стопанисува инвеститорот.
Приватниот инвеститор ќе треба да обезбеди 40 паркинг-места за администрацијата и дополнително уште 250 места во подземен паркинг, наменети за комерцијално паркирање. Според одлуката на Советот, ќе треба да ја изработи и целата техничка документација, да плати комуналии на Градот и да ги финансира сите потребни приклучоци. Општината, пак, треба да ја ослободи локацијата, да ја изгради пристапната улица и да го ослободи инвеститорот од дел од комуналиите. Општинарите треба да го подготват и главниот проект за зградата и да го вметнат во урбанистичката документација. |