Бесен коњ повреди газда
ТЕТОВО - Седумдесетгодишниот Абдулгани Р. од тетовското село Челопек е тешко повреден во главата и по телото, откако бил нападнат од неговиот бесен коњ. Се' се случувало на ливада во месноста Прок каде што коњот бил врзан и оставен на пасење. Околу 18 часот сопственикот отишол да го одврзе. Во моментот кога го одврзувал коњот со задните нозе го удрил својот сопственик, а потоа се растрчал по нивата влечејќи го Абдулгани со заплетканото јаже. За среќа, во непосредна близина се наоѓал братот на повредениот, Нуриман, кој успеал да го смири разбеснетиот коњ и да го спаси од смрт братот. На повредениот му е укажана помош во тетовската болница, а потоа е пренесен на лекување во скопските клиники. (Г.Е.)
|