Изгоре стан на петчлено семејство
ТЕТОВО - Стан во повеќекатница на улицата „Борис Кидрич“ во Тетово беше зафатен од пожар, при што изгорела цела покуќнина. Тројца од вкупно петмина члена на семејството Младеновски, кои во моментот се наоѓале дома, успеале да се спасат. Пожарот прво се појавил во кујната од каде што со голема брзина ги зафатил и другите делови од станот. „Јас бев трета смена на работа во ’Тетекс‘. Само што се вратив и легнав, ме разбудија некакви пукотници. Забележав како пламенот го зафатил целиот стан. За среќа, успеавме со золва ми и со ќерка ми да се спасиме, живи да не изгориме“, вели Ружа Младеновска. Пожарот избувнал меѓу 7-8 часот во саботата. Противпожарната единица од Тетово успеа за половина час да го локализира и да спречи ширење кон другите станови во зградата. Неофицијално, причина за пожарот е електричната инсталација. Семејството Младеновски за викендот остана кај соседи. Во пожарот изгореле целата покуќнина и гардероба. Ова работничко семејство упатува апел за помош, која сега им е повеќе од потребна. (Г. Е.) |