Место „Лојд“, француска фирма ќе ги проверува бродовите

Исправноста на патничките бродови во Охрид ќе ја контролира фирмата „Биро веритас“
ОХРИД - Од почетокот на неделава исправноста на патничките бродови во Охрид ќе ја контролира и ќе издава лиценци француската фирма „Биро веритас“. Ова, според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, е направено зашто претставникот на германски „Лојд“ е еден од обвинетите за потонувањето на бродот „Илинден“ во септември минатата година.
„Моравме да се одлучиме на овој чекор, бидејќи за потонувањето на бродот ’Илинден‘ второобвинет е Бранко Баиќ од германската фирма ’Лојд‘. Тој треба да одговара дали бродот ’Илинден‘ ги исполнувал сите технички услови за да добие лиценца за пловидба. Новата фирма ’Биро веритас‘ е на светската рејтинг листа и се надеваме дека успешно ќе ја врши работата“, објаснува Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.
Останува отворено прашањето зошто токму сега, пред почетокот на главната туристичка сезона, се менува компанијата за лиценцирање на неколкуте поголеми патнички бродови во Охрид. Надлежните уверуваат дека нема да има проблеми зашто бродовите имаат важечки лиценци и дозволи за пловидба што ги издава Капетанијата на македонските пристаништа со седиште во Охрид.
„Ние не сакаме да плаќаме дополнителни трошоци, бидејќи ги имаме потребните важечки лиценци, а доколку има дополнителна суперревизија од новата француска фирма, трошоците треба да ги сносат Капетанијата и Министерството“, реагираат сопствениците на бродовите.
Црниот биланс на несреќите во езерото што се случија минатото лето е поука за зголемување на безбедноста за годинашнава главна туристичка сезона. Лани потона бродот „Илинден“ при што се удавија 15 бугарски туристи, млада скопјанка го изгуби животот во судир на два глисера, се удавија две млади момчиња паѓајќи од педалинка, скутерџија удри девојче и побегна, а имаше уште неколку помали инциденти.
Загубените животи не се враќаат, но предупредуваат дека охридската Капетанија мора да преземе итни мерки за воспоставување ред во водниот сообраќај во кој најголема опасност за граѓаните се брзите глисери и скутери. „Досега се регистрирани 903 пловни објекти, од кои 329 глисери, 191 скутер, 300 кајчиња и поголем број бродови за патен сообраќај“, соопшти првиот човек на Капетанијата, Љупчо Насковски. Покрај многуте реагирања на јавноста од Капетанијата нема одговори дали се доволно екипирани за да се справат со прекршителите, кои со моќните машини се постојана опасност за капачите. За прекршителите досега не се изречени посериозни казни со кои се опоменуваат да ги почитуваат законските прописи. (С.И.)
Забрана за скутери
Од идната недела стапува во сила забраната за пловење на скутери по езерата од 11 до 18 часот, кога има најголем број капачи во езерото. Забраната беше воведена по неколкуте несреќи и инциденти што се случија во Охридското Езеро, кога скутерите и глисерите дивееја во близина на капачите, загрозувајќи ги нивните животи. Забраната стапува во сила од 20 јули и ќе трае до 20 август, кога е шпицот на летната сезона. Со неа се ограничува пловењето на скутери над 45 кw, кои може да пренесуваат максимум три лица и тоа во водите на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро.
Ограничувањето не важи само за скутерите што се наменети за службени потреби за вршење инспекциски, царински и полициски надзор. На оние што нема да ја почитуваат одредбата им се закануваат големи казни и тоа од две до три илјади евра за правни лица, од 500 до1.000 евра за трговец-поединец и од 300 до 500 евра за физички лица. (Д.Т.) |