Куќниот притвор кобен за двајца судии
Ќе се утврдува одговорноста на Митриновски, но и на претседателката на судот во Гостивар, Томовска
Судскиот совет ги прифати оставките на претседателот на скопска Апелација, Јордан Митриновски, и на неговиот колега кривичар, Исмаил Лимани. До изборот на нов претседател, со најголемиот Апелациски суд во државата ќе раководи вршител на должност, а тоа е досегашната заменичка на Митриновски, граѓанската судијка Љупка Арсениевска. На истата седница е распишан и оглас за пополнување три испразнети места во овој суд, од кои двете се на веќе разрешените судии Виолета Дума и Владо Џилвиџиев,а последното на Лимани.
Но, тоа не е крај на маките на досегашниот претседател на скопска Апелација, Митриновски, бидејќи тој допрва ќе треба да докажува дека постапил одговорно кога донел одлука за замена на притворот со куќен притвор за кумановскиот тутунски бос, Бајруш Сејдиу.
Судскиот совет ќе ја утврдува одговорноста и на претседателката на гостиварскиот суд, Ружа Томовска, која слично како и колегата од повисокиот суд, како претседател на кривичен совет го потврдила решението на истражниот судија за замена на притворот со куќен притвор за човекот кој си го уби братот. На вчерашната седница се формирани две комисии што ќе ги испитуваат овие случаи. Првата комисија ќе предводи членот на Советот, Крсте Сиваков, а за гостиварскиот случај - Вели Ведат. Неофицијално дознаваме од судски извори дека истрагата ќе се прошири и за истражниот судија што го донел решението за замена на притворот со куќен притвор.
Кумановската судијка Виолета Тасевска и струмичката судијка Роза Делевска се спасија од рацете на Судскиот совет, бидејќи било констатирано оти постапките за нивно разрешување се застарени. Имено, од моментот кога постапиле незаконски до денот кога била поднесена иницијатива за утврдување на нивната одговорност поминале пет години. Судскиот совет вчера ги прифатил и новите судски норми, кои за разлика од порано се повисоки. (Г.Д.)
|