Во Струмичко 1.166 лица заболени од заушки
СТРУМИЦА - Според податоците на Заводот за здравствена заштита, една четвртина од вкупниот број заболени од заушки во Македонија се регистрирани во Струмица. Досега од оваа болест, која неколку месеци во континуитет е присутна во регионот, заболеле вкупно 1.166 лица, од кои 533 се на возраст од 15 до 19 години.
Најголем дел од заболените се хоспитализирани во Инфективното одделение на струмичката болница. Меѓутоа, дел од населението се лекува на своја рака и во домашни услови, така што се смета дека бројот на инфицираните би можел да биде поголем од официјалната статистика.
„Загрижува фактот што бројот на заболените постојано расте. Само со еден случај болеста се појави во март, а во април, кога беше прогласена епидемија на заушки, имавме 56 заболени. Болеста прогресираше во мај со 248 и во јуни со 369 случаи, а потоа бројот на заболените опаѓаше се' до октомври, кога епидемијата нагло почна да се шири“, изјави Вангелица Манчева, началник на Епидемиолошката служба во Заводот за здравствена заштита во Струмица.
Таа информираше дека од сегашниот број заболени, 680 се средношколци родени во периодот од 1991 до 1993 година. Во тој период повеќе од половината деца воопшто не биле вакцинирани или примиле делумна вакцина, додека кај дел од заболените вакцинирањето не било успешно. (МИА) |