Конечно стигна турбината, наскоро ќе се монтира во ТЕ-ТО
Турбината е „срцето“ на централата, која треба да почне со производство во април 2010 година
Деспина Трајковска
За речиси три часа, без да предизвика поголем застој во сообраќајот и без никакви видливи оштетувања на инфраструктурата, вчера од влезот на Скопје па до крајната дестинација во кругот на топланата „Исток“ пристигна конвојот со 600 тони тешката гасна турбина, која треба да се вгради во првата гасна централа ТЕ-ТО. Точно во шест часот наутро од автопатот од Велес, конвојот влезе во Скопје, помина преку клучката во населбата Ченто, па преку мостот „Близнак“ минувајќи низ Аеродром стигна до Транспортниот центар и преку мостот се упати до топланата. За време на транспортот на турбината, кој траеше еден час повеќе од предвиденото, сообраќајот во делови на градот само навидум беше блокиран. За скопјани кои се навикнати на секојдневен калабалак во утринските часови не беше невообичаен застојот на одредени делници по неколку минути. Очигледно беша добра организацијата на сообраќајната полиција која го регулираше сообраќајот по целата траса. Граѓаните коментираа дека метежот е многу поголем во другите денови,па дури и кога ќе заврне слаб дожд. Единствено хаотично беше во близина на Кванташкиот пазар каде што целосно беше прекинато движењето на возилата поради тесните улички и дел од железничката пруга преку која требаше да помине конвојот. Од Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“ кои ја одредија трасата на движењето, вчера изјавија дека транспортирањето на турбината, што претставува најголем транспорт на опрема што досега е реализиран во земјава, поминало без никакви проблеми.
„Транспортот на турбината се реализираше беспрекорно и без никакви оштетувања на улиците и мостовите. Не се оштети ниту еден семафор, столпче или сообраќаен знак, а преминот преку мостовите се одвиваше без никакво деформирање и оштетување на конструкцијата. Ова само уште еднаш потврдува дека трасата по која се движеа шлеперите беше соодветно одбрана“, изјавија вчера од Град Скопје, отфрлајќи ги шпекулациите кои се појавија во јавноста дека мостовите во Скопје нема да го издржат товарот, па дури и дека може да се урнат.
И експертите вчера го кажаа истото, но, сепак, не ја отфрлија можноста дека мостовите претрпеле деформации кои не се видливи со голо око. За безбедно минување на товарот кој во изминативе дваесетина дена патуваше од Стар Дојран до Скопје, од Градежниот факултет изработиле студија, во која, сепак, не било опфатено и движењето на конвојот низ Скопје. Од тие причини експертите велат дека се оправдани стравувањата за трајни последици на мостовите низ Скопје, по кои помина товарот тежок 600 тони. „Постои опасност ако товарот е поголем од предвидениот и ако на мостот има поголеми напрегања од оние за кои е проектиран да се појават оштетувања што не се видливи. Тогаш мостот може да претрпи трајни деформации, па така, наместо да се дејствува превентивно, ќе се реагира отпосле“, објаснува Санде Атанасовски, професор на Градежниот факултет.
Инаку, вчера Ивица Секованиќ, директорот на ТЕ-ТО, најави дека наскоро ќе почне монтирањето на турбината, која е „срцето“ на централата. Предвидено е таа да започне со комбинирано производство во април 2010 година, по тримесечен тест- период. Носителите на проектот ТЕ-ТО со руските финансиери од „Синтез груп“ гарантираат реализација на проектот и покрај светската финансиска криза. ТЕ-ТО ќе произведува 30 проценти од потребите на електрична енергија во земјава и 50 проценти од годишното производство на топлинската енергија, што сега скопска „Толификација“ ја испорачува на корисниците. |