Неизвесна идната грејна сезона за „Топлификација Скопје-Север“
Претпријатието годинава ќе мора да функционира само за 1.900 корисници
Снежана Калабакова
Откако парното на „Топлификација Скопје-Север“ поскапе за 14,98 отсто од услугите на претпријатието, за оваа грејна сезона се откажале уште 130 домаќинства. „Топлификација“, според Законот за е��ергетика, годинава ќе мора да функционира само за 1.900 потрошувачи. Кон крајот на овој месец ќе се прават нови математики, по што точно ќе се знае дали претпријатието ќе продолжи со работа и идната грејна сезона 2011/2012 година. Доколку „Топлификација Скопје-Север“ во наредниот период не успее да го прошири бројот на потрошувачи, тогаш нејзиното работење сериозно се доведува во прашање.
Според одговорните, наплатата на сметките за парно е отежната, а особено со корисниците што ги нема на пријавените адреси. Има случаи кога сметките биле испраќани на одредено име и презиме, но кога бил побаран корисникот што не плаќал неколку години, се испоставило дека тој одамна се иселил и никој не знае каде се наоѓа. Токму поради ова, како и поради значењето на бројот на корисниците заради кои треба да опстои, „Топлификација Скопје-Север“ со допис побарала од Министерството за транспорт и врски побрзо спроведување на Законот за домување и во таа насока поголемо активирање на општините Чаир и Бутел.
Од претпријатието се убедени дека Законот многу ќе им ја олесни работата, бидејќи со заедниците на сопст��еници ќе бидат регистрирани сите станари што живеат во една станбена зграда. На тој начин полесно ќе се комуницира со одговорните на заедниците или со управителите, кои ќе помогнат, пак, и во евидентирањето на диво приклучените на топлификациониот систем, но и на редовните и нередовните плаќачи.
„Побаравме и средба со градоначалниците на Чаир и на Бутел. Засега немаме позитивни сигнали дека градоначалникот на Бутел сака да се сретне со нас. Со градоначалникот на Чаир имавме средба и начелно договоривме формирање координативно тело составено од наши луѓе и од претставници на Општината и по еден човек од секоја заедница на сопственици. Преку нив ќе ги идентификуваме постојните корисници, како и сите диво приклучени и неплаќачите. Разговаравме и околу проширувањето на топлификационата мрежа, во што треба да инвестира Градот, а да го поттикне општината и тоа од средствата што се уплаќаат за комуналии“, вели Соња Бошковска, директорка на „Топлификација Скопје-Север“.
Но, од Одделението за односи со јавноста на Град Скопје велат дека Градот нема обврска да инвестира во проширување на мрежата. Сепак, од претпријатието сметаат дека топлификационата мрежа е на државата, а не нивна сопственост. Согласно со тоа, и Градот треба да инвестира во нејзиното проширување, а со тоа и приклучување на жителите од Чаир и од Бутел на топлификациониот систем. |