Трајановски искеширал 65.000 евра за барокни клупи
Градските власти потрошиле дури 65.000 евра за клупи, но не за обични, туку за стилизирани во барокен стил, изведени во комбинација на дрво и ковано железо. Зделката ја направиле неодамна со фирмата „Урбано ел“, како што тврдат, независно од владиниот проект „Скопје 2014“. Иако клупите се барокни, на какви што од Градот инсистираа во јавната набавка, посочуваат дека урбаната опрема не е наменски купена за да се монтира во близина на барокните владини градби. Освен да ги испорача клупите, фирмата од која се купени ќе има обврска и да ги монтира со темелење со анкер шрафови.
„Градот Скопје набави 365 клупи како проект независен од ‘Скопје 2014‘, со цел да се зголеми на бројот на клупите на територијат�� на градот и разубавување на деловите каде што нема клупи, или каде што се оштетени,“ велат од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски.
Оттаму посочуваат дека идентични клупи биле набавувани и во изминативе години, од претходните градски гарнитури. Така, според градските власти, на подрачјето на Скопје веќе има стотина такви клупи. Најголем дел од нив повеќе од две години го разубавувале Градскиот парк, но и други фреквентни локации и парковски површини.
Надлежните велат дека поставувањето на клупите ќе почне наскоро, врз основа на утврдена програма за работа. (Дс.Т.) |