Волковија не сака „сив дом“ во својот атар

Жителите и од соседните Стенче, Теново, Радиовце и Чегране се спротивставуваат да се гради воспитно-поправен дом
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Жителите на тетовска Волковија и на другите четири околни села се спротивставуваат на одлуката во месноста Рудина да се гради воспитно-поправен дом. Велат дека од нив никој не побарал мислење, а откако дознале за одлуката, се ангажирале да се попречи изградбата. „Нашиот став јавно го искажавме на протестот пред два месеца, ги кажавме и причините, меѓутоа, некој упорно ја турка тезата да се гради воспитно-поправен дом во нашето село. Засега преземаме мерки преку институциите на системот да се смени решението. Испративме жалба до Министерството за правда и до надлежните органи на општината Брвеница, во чиј состав е и нашето село. Заштита на нашето право да ја спречиме изградбата официјално побаравме и од народниот правобранител“, вели Русе Михајловски, претседател на МЗ Волковија.
Откако се разбрало за идејата „сивиот дом“ да се гради во Волковија, нема мир ниту за овдешните жители ниту за соседните Стенче, Теново, Радиовце и Чегране.
„Единствени сме околу ова прашање. Сите заеднички јасно и недвосмислено порачуваме да се откажат од овој срамен проект, а оправдувањата, лагите и ветувањата да ги чуваат за себе. Населението од петте села нема да потклекне под никакви притис��ци и закани. Ќе преземеме се' да го спречиме реализирањето на проектот“, додава Михајловски.
Во барањето за заштита на правата испратено до народниот правобранител, месната заедница од Волковија наведува дека месноста Рудина, каде што е планирано да се изгради ВПД, е единственото пасиште. „Како може директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска, да најавува економско зајакнување кога не' остава без единствениот извор на егзистенција“, се прашуваат мештаните. Волковчани тврдат дека објектот би се наоѓал до изворот на вода за пиење што би претставувало опасност од загадување. „Освен тоа, месноста Чука, која сега е излетиште, ќе престане да биде тоа. И површината предвидена за изградба на ВПД е сопственост на МПЦ, чиј имот би се загрозил“, сметаат во МЗ Волковија.
Пред повеќе од 50 години во Тетово беше отворен воспитно-поправен дом на југозападната страна од градот. Во конфликтот во 2001 година во објектите беа подметнати пожари. Домот принудно се преселуваше во Скопје, во Шутка и на други места, но остана без трајно просторно решение. Надлежните органи во земјата како локација ја определија месноста Рудина кај Волковија, но без претходно да се побара став и мислење од населението. |