Време
Чадорите при рака во наредните десетина дена
Во Македонија есенски температури нагло ги заменија летните горештини, а облачното и дождливо време што настапи завчера диктираше да се носи потопла облека. Во наредниот десетдневен период метеоролозите најавуваат претежно облачно време со утрински температури до 15 Целзиусови степени и максимални дневни до 28 степени. Облачно и дождливо ќе биде до крајот на неделава, а од понеделник Македонија повторно ќе потпадне под влијание на нов влажен бран. Поради најавите за локален дожд, наредните денови чадорите ќе бидат придружен реквизит.
И денеска ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а особено во западните делови на земјава. „Утре и задутре ќе има услови за развој на нестабилна облачност со локален дожд и појава на грмежи. Утринските температури и натаму ќе бидат релативно ниски, а дневните ќе се движат во интервалот од 17 до 27 степени. Променливо време на места со повремени слаби врнежи од дожд се очекува и в сабота, а температурите ќе бидат без поголеми промени. „Преодно стабилизирање на временската состојба се очекува да настапи в недела“, вели Ленче Ризова, дежурен синоптичар во УХМР.
Од понеделник метеоролозите најавуваат влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од југ, која ќе предизвика врнежи од дожд и појава на грмежи. Потоа до крајот на втората декада од септември висок воздушен притисок ќе овозможи да имаме стабилно и суво време, а температурите ќе имаат тенденција на опаѓање. (Сн.К.)
|