Македонија за малку пари ја загуби единствената фабрика за светилки
Машините на „Селена“ беа продадени во Украина, а во халите сега е сместена една конфекција и неколку магазини
Иван Бојаџиски
Штип - Додека европските фабрики за производство на светилки ги иновираат своите капацитети за производство на штедливи светилки, ние во Македонија само можеме да го поставиме прашањето и да ги побараме одговори како се случи да ја урнисаме единствената фабрика овие производи, штипска „Селена“. Станува збор за фабрика, која во најдобрите години произведуваше 24 милиони светилки, а производите се продаваа без проблем на пазарите во Германија, Шведска, Шпанија, Алжир, Египет, Турција и во сите простори на тогашна Југославија. „Селена“ обезбедуваше егзистенција за 336 вработени.
Штипска „Селена“, како жртва на транзицијата, се ликвидира, а потоа се продаде речиси за без пари. Фабриката, која беше изградена со најдобри намери, Македонија да има капацитет кој ќе ја намали увозната зависност на еден таков производ, а Штип да продолжи во реализација на стратегијата за промена на трудоинтензивната локална економија во која доминира(ше) текстилот, всушност, се раскрчми.
„Имавме седум автоматски линии за производство на сијалици за широка потрошувачка (стандардни), на авто, сигнални и живини сијалици. Машините кои кон крајот на седумдесеттите години беа купени за 45 милиони евра, две децении подоцна беа продадени за само 300.000 евра. Ние бевме глупави, а Украинците умни кога беше направен овој неодговорен дил“, вели Славчо Митевски, последниот директор во оваа фабрика, кој со синдикалецот и претседател на Одборот за спас на „Селена“, Бранко Горѓиев, до последен момент водеше битка имотот да не се раскрчмува и фабриката да продолжи да работи во новите услови на пазарна економија.
Митевски вели дека пред почетокот на распадот на фабриката стручна екипа била во Бугарија со намера да набават линија за производство на штедливи сијалици, нешто кое Европа сега законски го регулира, но некој во Штип веќе на големо го спроведувал проектот за уништување на фабриката.
Во времето на транзицијата раководството направи обид за приватизација на „Селена“ со поделба на акции за сите вработени. На ваков начин „Селена“ станала АД во кое 43 проценти од капиталот биле акции на вработените. Директорот имал две, а вработените по една акција. Но, не се успеало да се оствари работничко акционерство од минималните 51 процент.
„Тоа не им одговараше на тројцата стечајни управници кои работеа на случајот ’Селена‘, но и на други субјекти од претходните раководства кои има свои мотиви фабриката да ја снема како правен субјект. Затоа што на површина почнаа да излегуваат нивните матни игри со имотот на фабриката како продажба на кванташки пазар во градови кои никаде на постојат и слично, а поради што таа беше западнала во криза“, вели Митевски.
Три години траеше ��орбата за спас на „Селена“ за на крајот да биде продадена и приватизирана. Новиот сопственик ги продаде машините во Украина, а во халите сега е сместена една конфекција и неколку магазини за продажба на големо. Така Штип урна еден од своите капацитети кои беа изградени со намера да придонесат за градење нова стопанска структура, со која цел беа градени и „Метална“, „Агроалумина“ и „Прогрес инженеринг“, а кои денес или не работат или работат нешто сосема трето. Со тоа е испуштена и можноста и Македонија да се најде меѓу државите кои на стариот континент ќе му понудат нов производ битен за иднината на човештвото. |