Тетовскиот Медицински факултет под владина лупа
ТЕТОВО - На една од последните седници на Владата е формирана матична комисија за да се произнесе за Медицинскиот факултет во Тетово. Нејзина задача е посебно кадарот, бидејќи повеќето од засега ангажираните работеа како предавачи на Вишата медицинска школа, рече вчера Бујар Османи, министер за здравство, за време на својата прва официјална посета на Тетово, каде што обиколи три јавни здравствени установи.
„Дојдовме да ја потврдиме нашата посветеност, дадовме поддршка за ангажираниот професорски кадар, зашто сметаме дека оние што ќе ги завршат студиите по медицински науки треба да бидат квалитетни и во служба на општеството“, додаде тој.
На новинарска забелешка дека е мал бројот на центри за лекување наркомани, министерот рече дека тетовскиот центар за метадонско лекување бил еден од најдобрите, но дека „настојувањата се вакви центри да постојат во секоја општина, а ќе бидат финансирани од општеството. Меѓутоа, наидуваме на отпори кај локалните власти и месното население. Сметам дека овој проблем ќе биде надраснат“.
Околу тоа зошто нема доволно ХПВ-вакцини, министерот Османи го објасни тоа како почетна акција за подигање на свеста кај младата женска популација за заштита од рак на матка, а во таа функција биле набавени три илјади вакцини.
„Набавуваме нови 24.000 и настојуваме оваа вакцина да биде задолжителна. Сега обезбедуваме за сите што се пријавиле, а потоа ќе бидат опфатени сите женски деца“, одговори министерот Бујар Османи.
Ректорот на ДУТ, Садик Беџети, информираше дека средбата била искористена за договор околу подигање на нивото на техничката опременост на тетовската Клиничка болница, отворање лаборатории во функција на факултетите за општа медицина и стоматологија и создавање комплетни услови за нормално обезбедување висока квалитетна здравствена заштита и едукација на идните кадри. (Г.Е.) |