Министерот за здравство д-р Бујар Османи вчера ја потпиша одлуката за воведување рецепт за пациентите со хронични заболување, иако само еден ден пред тоа тврдеше дека таа не чека кај него. Како одеднаш се најде одлуката во Министерството за здравство, оттаму не се објаснува, туку само дека министерот Османи ја потпишал согласноста за измената од Правилникот за препишување рецепти, со која се предвидува воведување рецепт со важност од 90 дена. Со ова само се потврдува дека Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, сепак, ја изгласала одлуката за „хроничниот рецепт“ пред две недели или дека таа експресно од Фондот вчера била испратена во Министерството за здравство.
„Хроничниот рецепт“, кој ќе важи 90 дена, ќе заживее во практиката, осум дена по објавувањето во „Службен весник“, односно за најмалку десетина дена. Според објаснувањето од Фондот, матичните лекари ќе имаат право да препишуваат на еден рецепт терапија за три месеци. Со „хроничниот рецепт“, пациентите во аптека ќе може да подигнуваат лекови во три наврати. На рецептот, аптекарите ќе бидат задолжени да стават печат со датум на издавање на лековите. (Ј.Ј.)