Македонија и ЕУ против криминалот
Брисел - Министерот за правда Михајло Маневски вчера во Брисел потпиша спогодба за судска соработка со Европската унија, со која се обезбедува координиран настап на нашата земја со ЕУ во гонењето на организираниот криминал, борбата против тероризмот, во екстрадицијата на обвинети и слично. Спогодбата од страна на ЕУ ја потпиша Лопес Да Мота, претседател на Европравда, според кого прекуграничниот криминал е заеднички и сериозен проблем и добро е што се остварува ваква соработка. Договорот беше еден од условите на листата за ослободување на визниот режим на Македонија, но Мота не сакаше да направи паралела меѓу двете прашања, изјавувајќи дека визите се различно прашање од криминалот, а неговата улога е само прагматична (не политичка). За да го потпише договорот, Македонија мораше да ги донесе Законот за јавно обвинителство и Законот за заштита на податоците, во кои се вградени високи европски стандарди. На потпишувањето, Маневски потсети дека за да дојде до тука, Македонија изминатите две години усвоила околу 60 нови закони, основала седум нови судски органи и именувала 120 судии, а веќе се обучува втора генерација судии во Академијата за судии. (С.Ј.) |