Рударските јами зедоа уште еден живот
Трагичен крај на мисијата за спасување на 38-годишниот инженер Зоран Атанасовски кој беше затрупан во „Саса“
Иван Бојаџиски
ШТИП - Рударските јами зедоа уште еден живот. Зоран Атанасовски, 38-годишен рударски инженер, татко на близначиња родени пред петнаесетина дена, загина во рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица. По најновата трагедија, четврта за само една и пол година, рударското гратче е во голем шок. Одново се отвора прашањето за безбедноста и условите во кои се работи во рудниците.
Мисијата за спасување на младиот човек, кој завчера околу пладне пропадна во јама и беше затрупан со огромен материјал од руда, траеше 13 часа, но имаше трагичен крај. Атанасовски бил мртов кога спасувачите успеале да дојдат до него. Поради малиот отвор до ископот од околу 2,5 метри, колегите камен по камен и со крвави раце, без да употребат никаков алат и механизација, со часови се обидувале да стигнат до Атанасовски. Тоа им успеало дури вчера, во 1 часот по полноќ, но, поради многу опасниот терен, телото е извлечено дури по пет часа.
Луѓето, а пред се', постарите рудари, раскажуваат дека ова е прв случај во 44-годишното работење на „Саса“ да загине инженер.
„Мора да има одговорни за големите трагедии, бидејќи никогаш порано не се случило во толку кус временски период рудникот да земе дури четири животи, и тоа, главно, млади. Раководството на рудникот и инспекциските државни служби секогаш говореле дека несреќите биле резултат на лично невнимание, но оние што работеле во јамите на ‘Саса‘ добро знаат дека необучени рудари не се пуштаат на тие места. Ние не веруваме во таквите прикаски и бараме некој, конечно, да види какви се безбедносните услови во рудникот“, велат тројца постари рудари, сега пензионери, кои потресено ја следеа драмата за извлекување на затрупаниот инженер.
Несреќата, според првите штури официјални информации, се случила кога инженерот Атанасовски во една од јамите на рудн��кот санирал рударска сипка. Тоа е коса просторија преку која ископаната руда од погорните хоризонти се спушта до сипката, а оттаму машински се товари во вагонетки и се изнесува надвор од јамата. Во еден миг несреќниот инженер заедно со ископаниот материјал подготвен за спуштање низ сипката, пропаднал низ косата рударска просторија длабока околу дваесетина метри, при што бил жив затрупан со огромна количина ископана руда.
Веднаш по несреќата, група рудари дошле да му помогнат на Атанасовски. Но, употреба на машини за вадење на материјалот со кој бил затрупан инженерот не доаѓало предвид, бидејќи сипката била со тесни димензии. Рударите не знаеле на кое ниво е затрупан Атанасовски, па стравувале да употребат алат за да не го повредат.
Според верзии што се слушаат во Македонска Каменица, несреќниот Атанасовски во првите два-три часа по несреќата давал знаци на живот, но никој не објаснува какви. Рударите, кои грозничаво се обидувале да му помогнат на младиот инженер по повеќечасовна работа без прекин, стигнале до неговото безживотно тело.
Познавачи на рударската работа и на прописите за работа во јама велат дека ако не се добијат точни информации за тоа што се случувало пред Атанасовски да пропадне во дупката, може само да се претпоставуваат причините за големата трагедија.
„Се чини дека младиот инженер бил сам на хоризонтот од кој требало да изврши увид во исправноста на сипката. Законот за рударство најстрого забранува сам човек, рудар, инженер, да биде во јама. Согласно со тие правила, Атанасовски морало да биде во група. Посебно треба да се даде одговор на прашањето како овој млад човек се нашол на едно од местата со највисок ризик. Повеќе опасности демнат токму на местото на неисправната сипка. Без да се дознае ова, смртта на инженерот ќе остане голема мистерија. А тоа не би смеело да се дозволи, бидејќи премногу смрт видовме во рудникот во последниве години“, коментира еден искусен рударски инженер.
Жителите на рударскиот град се потресени од семејната трагедија на Атанасовски. Додека траела драмата со извлекувањето, Даниела, сопругата на несреќниот Зоран, со штотуку родените близначиња се' уште била во една од клиниките во Скопје. Погребот на Зоран Атанасовски ќе се изврши денес на гробиштата во Каменица.
Инаку, вчерашните обиди за контакт со директорот Максим Прохоров одговорен за давање информации во „Саса“, не дадоа резултат. |