Водата за пиење бактериолошки неисправна
„Од добиените анализи во Центарот за јавно здравје во Тетово, констатирано е дека водата за пиење во селата Копанце, Раотинце и во Јанчиште не е за употреба. Се преземаат мерки за нејзино хлорирање, а локалната самоуправа треба да изнајде решение за обезбедување на населението со исправна вода за пиење“, изјави портпаролот на ЦУК, Мишко Талевски, вчера на прес-конференција Талевски.
Инаку, во поплавените села во Јегуновце, според утринското мерење вчера, водостојот на Вардар е намален за 10 сантиметри, а Комисијата за процена на штети повторно ќе врши увид на поплавените површини за да се потврдат последиците од излевањата.
Од ЦУК информираат дека има излевање на Вардар и во атарот на Долно Лисиче, при што се поплавени обработливи површини од десната страна на реката. Излевања имало и на територијата на општината Гази Баба, но не е предизвикана штета во домаќинствата.
Излевање на Вардар е забележано и во село Радуша и во атарот на село Рашче. Изворот на пивка вода на градскиот водовод за Скопје, тврди портпаролот Талевски, не е загрозен од надојдените води на реката Вардар.
Според информациите од градоначалникот на Општина Зелениково, поплавен е локалниот асфалтен пат што води кон селата Ново Село и Пакошево, со што е настана прекин во сообраќајот на овие населени места. Околу 10 хектари ливади и незасеани орани површини се поплавени и во Пласница, каде што се излеа реката Треска. Во Кичевскиот регион, Треска има поплавено крајбрежна необработена земја во атарот на селата Бигор Доленци, Вранешница, Подвис, Пополжани и Србјани.
Од ЦУК апелираат граѓаните да не ги користат секундарните и терцијалните канали за исфрлање колективен или индивидуален смет, бидејќи тоа ќе оневозможи адектавно канализирање на атмосферските води, со што може да се создаде потенцијална опасност од локални излевања. (МИА) |