Раотинце во паника
Локалното население од долнополошките села е осамено во еднонеделната битка со надојдените води од реката Вардар
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Ситуацијата со поплавите во Раотинце станува критична. Жителите од ова долнополошко село веќе седум дена се во паника. Секој ден, од час во час, водостојот на реката Вардар расте. Од 200 куќи во селото најмалку 60, со уште толку стопански објекти и плевни се под вода. Место да се смири, Вардар и натаму е со исто ниво, кое е 20 сантиметри над максималното. Последица на ова е што ноќта спроти четвртокот водите се излеаја и во Чаковско Маало, кое се наоѓа низводно од селото, во насока на Старо Маало во соседното село Јегуновце.
„Мислевме дека овој пат ќе се извлечеме. Но, се излажавме. Водата навлезе во мојата куќа, како и во соседните. Овде најмалку седум куќи се поплавени. Го разнесувавме добитокот на повисоките места во селото, во помошните простории на наши соседи. Не знам колку ова е решение“, се жали Пано Тофиловски. И браќата Ѓоре и Сандро Смилјановски се очајни. „Најлошо е тоа што остануваме осамени во битката со надојдените води. Не' посетуваат, доаѓаат во селото, беше и премиерот Никола Груевски. Сите велат дека е тешко, ќе гледаат да помогнат, но по нивното заминување заминуваат и нивните ветувања“, велат тие.
Претседателот на Советот на месната заедница Раотинце, Кирко Масевски, е револтиран и вели дека вреќите за заштита не се никакво решение. „Со вреќите што ги поставија направија само циркус. Може ли да се спречат надојдени води со песочен насип? Ова е само игра што останува без резултат“, додава Масевски. Исто размислуваат и неговите колеги од соседните села Копанце и Туденце - Али Вејсели и Петар Милошевски. „Среќа што повеќето куќи и стопански објекти од нашето село се на десниот брег на Вардар и на поголема висина кон планината Жеден. И покрај тоа, 40 куќи од околу 250 се под вода. Најтешко поминавме кога од вода моравме да ги спасуваме петнаесетте крави на Сафет Јонузи. Успеавме благодарение на големото ангажирање на селаните“, вели Али Вејсели.
Во Туденце „водата извира од земјата“, велат жителите. Има куќи во кои Вардар не влегол директно, но визбите и приземните простории се преполни со вода. „Вака беше во 1979 година, но ми се чини не со ��аков интензитет. Од стотина куќи половина се поплавени. Го спасувавме добитокот, но не успеавме секаде. На Стојче Јошевски во водата му се удавија стотина одгледани пилиња. Ги спасивме свињите на Митре Трпковски, пчелите на Слободан Симовски и на неговиот сосед Среќко. Ова што ни се случува е рамно на катастрофа. Зарем ние не сме луѓе и семејства да ни се помогне кога е најкритично. Можеше нешто да се стори, но засега остануваме само на ветувања“, се жали Петар Милошевски, претседател на МЗ Туденце.
Во трите долнополошки села, сепак, најмногу гнев се истура врз неодговорниот однос на власта, на отсуството на непосредна помош во вакви услови, без конкретни мерки и активности. Луѓето зборуваат за игрите со браните од вреќи песок што останаа поплавени во водите, а за кои најчесто се употребува зборот циркус. Овде веќе никој не ги брои поплавените куќи и објекти. Единствено се мисли на животот на луѓето. Во трите села најмалите деца и доенчињата со мајките, старците и немоќните ги поминуваат ноќите во семејствата на роднините и блиските пријатели на посигурни места. Ноќе во куќите остануваат само возрасните и работоспособните за да се справуваат со стихијата. Тие се движат со рибарски чизми или поставуваат штици за да преминуваат од еден на друг крај во дворот, куќата или во плевната.
„Цела ноќ дежураме покрај Вардар. Мислевме дека ќе се намали нивото на водата, бидејќи веќе два дена не врне. Претходната ноќ само кратко имаше помал доток, за два-три сантиметри. Вчера изутрина Вардар повторно го наполни коритото. Водите се пробија кон Чаковско Маало, кое досега беше заштитено. Се излажавме. Најтешко е што сме оставени сами на себе. Вака не можеме да ја добиеме битката со водите. Од власта само ветувања, не ни е помош тоа. Зошто и сега се тврди дека овие води не се од Мавровското Езеро? Нема дождови, а водата во Вардар не се намалува. Се' е јасно, но не и на оние на кои треба да им стане јасно. Проблемите се создаваат со испуштање на водите од мавровската акумулација“, категоричен е Кирко Масевски.
Поради случувањата со катастрофите од поплавите Општинскиот комитет на ВМРО-НП од Јегуновце бара оставка од првиот човек на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, но и одговорност од Дирекцијата за заштита и спасување. Инаку, вчера локални медиуми во Тетово објавија дека Вардар се излеал и кај селото Стримница. Телевизија Коха јавува за десет поплавени куќи на левиот брег на Вардар кај ова село. Оваа информација ја потврди и Сафет Исени, жител на Стримница и член на Советот на МЗ. Исени рече направиле импровизиран мост за децата од овој дел на селото да одат на училиште. Во сите села што се изложени на опасност од поплави погледите се свртени кон небото. Нема дождови, но има големи води. Луѓето се плашат што ќе се случи ако има нови врнежи. Но, засега загрижени се само мештаните, зашто власта очекува ситуацијата да се поправи, но без конкретно ангажирање за справување со природната стихија. |