Политичарите не сакаат критики
Миркица Поповиќ
Бројот на кривични пријави против новинари за клевета и јавна навреда е во постојан пораст. Кривичните пријави и односот на јавните личности и судовите беа тема на дискусија на вчерашната дебата „Клеветата и навредата - цензура, автоцензура или ниски професионални стандарди“ во организација на Здружението на новинари.
Минатата година, според информациите на ЗНМ, биле поднесени 150 пријави. Точниот број, според Роберт Поповски, претседателот на ЗНМ, не може да се дознае, бидејќи судовите не даваат конкретни информации за бројот на кривични пријави против новинарите. Во најголем број пријавите одат директно до новинарот, автор на текстот, но не и до медиумот каде што е објавен.
„И покрај најавите на некои политички партии, особено на ВМРО-ДПМНЕ, дека нивни функционери ќе ги повлечат пријавите, нашите информации од новинарските редакции говорат дека е во сериозен пораст бројот на кривични пријави за клевета против новинарите. Оваа инфлација од кривични пријави мора да престане и судовите мора да започнат со правична практика во овие случаи, бидејќи нивниот начин на судење само создава впечаток на вршење тортура врз новинарите“, истакна Поповски. Според него, поднесувањето кривични пријави за новинарите води кон цензура или автоцензура, внесување страв кај новинарите и дефинитивно намалување на професионалните стандарди. Несомнено е дека сите носители на јавни функции треба да бидат многу поподложни на јавна критика, да имаат поголем праг на толеранција за таа критика.
Досегашното искуство и анализа на професорот Никола Тупанчески и адвокатот Филип Медарски, кои се занимаваат со случаи на кривични пријави за клевета против новинари, зборуваат дека многу мал број од кривичните пријави завршуваат со правосилна пресуда. Епилогот на дел од нив е парична казна, која во најголем дел од случаите не одговара со моќта на новинарите и медиумите. Висината на казните се движи од 15.000 денари до над еден милион денари. Медарски укажа дека најголем дел од случаите на кои тој работел се покажале неосновани. Доказ за тоа е дека ниту еден новинар не бил осуден, а има само еден случај на осудителна пресуда, која е обжалена и е во постапка пред Апелацискиот суд во Скопје.
Од периодот 2005-2008 година имало 117 кривични пријави против новинари, од кои 64 се запрени, 11 се ослободени од обвинение или казна, со судска опомена поминале пет, тужбата била повлечена за седум предмети, во тек била постапка во 2008 година за четири случаи, 12 биле парично казнети, а за 14 предмети била отфрлена тужбата. |