Малиот Петар ги отвори вратите на училиштето во Витолиште
Прв пат по 10 години во мариовското село Витолиште вчера се слушна училишното ѕвонче
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Прв пат по 10 години, во мариовското село Витолиште вчера се слушна училишното ѕвонче. Овој пат тоа заѕвони за 5,5 - годишниот Петар Чакрески, единствениот ученик во основното училиште „Стале Попов“.
„Јас сум многу среќен што ќе учам овде во селото“, кусо и срамежливо изјави ова момченце, облечено во свечена облека за првиот училиштен ден. А со него дојдоа и родителите, задоволни што нивното дете не ќе треба да патува до градот, што трошоците и нервозите им се намалени.
„Се сеќавам на еден расказ од Стале Попов, се викаше првата ластовичка. Така мојот син го чувствувам на овој ден. Зашто прв пат по многу години, се отворија училишните порти, заѕвони ѕвончето во селото. Бескрајно благодарам на сите кои се заложија да се реши овој голем проблем во селото. Покрај син ми, по две години и друго дете ќе треба да оди во школото, а во селото веќе имаме седум дечиња“, вели видно возбуден таткото Спасе Чакревски.
За Петар ќе се одржува редовна настава според програмата на Министерството за образование.
„Ова е посебен ден за селото. Благодарение на Петар, кој е прваче во деветгодишното основно образование, ова училиште повторно почна со работа, а очекуваме во наредните години да биде полно со ученици“, истакнува учителката Анета Тренкоска, која секојдневно ќе минува и по 120 километри за да ја заврши својата работна задача.
Од локалната самоуправа најавуваат дека ќе бидат преземени соодветни градежни активности за санирање на училишната зграда.
„Вработени се наставник и хигиеничар. За кусо време ќе донесеме компјутер, а ќе вложиме напор, во соработка со Министерството да се санира училишната зграда и да се одржува настава во природа“, нагласува Марјан Матракоски, советникот за образование.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, на малиот Петар му подари комплет учебници, наставни помагала и ранец.
„Верувам дека со ова ќе се поттикнат и другите семејства да се враќаат полека во Мариово, зашто нивните деца ќе бидат и едукативно згрижени. Ова е уште една мерка на Владата во правец на поттикнување на развојот и ревитализација на Мариово, Прилепско“, изјави Ристески.
Во Витолиште живеат над 100 жители кои се занимаваат претежно со земјоделство и сточарство. Радосни што училиштето почна со работа, се сеќаваат на далечната 1960 година кога овде се школувале над 300 ученици.
|