Кривична пријава за учесниците во заложничката драма
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за напад врз службено лице против тројцата учесници во заложничката драма во Битола, 69-годишниот Борче Ангелевски, неговата сопруга Марија Ангелевска и нивниот син Сашо Ангелевски (43).
Според МВР, при обидот службените лица да влезат во станот на семејството Ангелевски, тројцата почнале да даваaт отпор. „Тие одбивале да постапат по дадените наредби и се обиделе да ја спречат полициската интервенција, напаѓајќи ги полициските работници со фрлање разни предмети, со употреба на физичка сила и закана со нож и виљушка. Од страна на истражен судија, на пријавените им е изречена мерка задолжително лекување во психијатриска болница“, информираат од МВР.
Милка Бизевска, портпаролка во битолскиот суд, вели дека истражниот судија одлучил покрај синот, и родителите да ги прати на психијатриско набљудување во болницата во Демир Хисар.
„Тие беа испитани, дополнително врз нив ќе се прави психолошко вештачење, а ќе бидат сослушани и други сведоци. Откако ќе стасаат процените од психијатарот за психичката состојба на трите члена од семејството Ангелевски, предметот ќе биде даден на Основното јавно обвинителство. Тоа ќе пресече дали против нив ќе биде поведат процес или не“, вели Бизевска.
Инцидентот се случи пред неколку дена во стан на улицата „Јосиф Христовски“ во Битола, кога граѓанин пријавил во полиција дека слушнал неколку истрели, кои доаѓале од станот на семејството Ангелевски. Соседите сведочеа за медиумите дека станува збор за фамилија која имала психички проблеми по сообраќајна несреќа што се случила пред десетина години. Оттогаш од станот често се слушале викотници и расправии, но ниту една од надлежните институции не реагирала. (А.Б.) |